Во присуство на министерот за образование и наука Спиро Ристовски, денеска во Неапол беше потпишан меморандум со кој се официјализираше соработката помеѓу Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и неаполскиот Универзитет „Федерико Втори“.
„Денешната посета на вториот најстар универзитет во светот „Федерико Втори“, беше од исклучително значење бидејќи се потпиша меморандум за соработка со Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а претседателот Иванов имаше предавање во областа на правото и експликација за постигнувањата и придонесот на Република Македонија во рамки на меѓународното право. Очекуваме плодна соработка во иднина со поддршка на најеминентните универзитети во светот лоцирани во Република Италија“, изјави министерот Ристовски по потпишувањето на меморандумот.
Универзитетот од Неапол „Федерико Втори“ е основан во 1224 година. Студенти на оваа високообразовна институција биле свети Тома Аквински и Џордано Бруно, како и неколку италијански претседатели, меѓу кои и актуелниот претседател Џорџо Наполитано. На овој универзитет пред 45 години е отворен и првиот лекторат по македонски јазик во светот.
Освен со „Федерико Втори“, нашиот најстар Универзитет “Св. Кирил и Методиј“ ќе воспостави соработка и со Универзитетот „Ла Сапиенца“. Протоколот за соработка меѓу правните факултети на УКИМ и „Ла Сапиенца“ ќе биде потпишан утре.
Министерот Ристовски е дел од македонската делегација предводена од претседателот на државата д-р Ѓорге Иванов, која по повод манифестацијата „Македонија во чест на Свети Кирил“ е во дводневна посета на Италија.