Утре по 9-ти пат ќе се одржи „Матурска парада 2014“

Утре,  23 мај (петок) на Градскиот плоштад во организација на општина Охрид и средните училишта, со почеток во 12.00 часот, по 9 –ти пат ќе се одржи „Матурска парада 2014“. Матурантите под звуците на Штраусовиот Квадрил ќе играат заедно со своите врсници од 100 други градови учесници од Европа и ќе се обидат да го срушат Гинисовиот рекорд.

Оваа година во Охрид, Квадрилот ќе го играат околу 450 матуранти од трите средни училишта, ОСУ „ Св. Климент Охридски“ , ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и ОУТУ „Ванчо Питошески“.
Танцот Квадрил потекнува од Франција, каде се појавува во втората половина на 18 век, а во почетокот на 19 век дури и се предавал во некои училишта со што станал широко распространет и негови модификации се среќаваат многу често и во многу други држави. Тоа е танц во кој учествуваат две двојки односно два пара кои своите движења ги изведуваат во просторот во форма на квадрат. За парадата овај танц ќе се игра на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“.
Во текот на 13 години откако се игра Квадрилот , учествувале 276 496 матуранти од 100 градови од Словенија, Италија, Србија, Македонија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Романија, Албанија и Украина.
Пред почетокот на парадата на учесниците ќе им се обрати градоначалникот Никола Бакрачески кој ќе им го честита успешно завршување на средното образование и ќе им посака успех во понатамошниот дел од животот.