Честитка од премиерот Груевски по повод Националниот ден на Власите

По повод 23 – Националниот ден на Власите, премиерот на Република Македонија, Никола Груевски упати честитка до сите припадници на влашката заедница, во која стои: 

„Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите и да Ви посакам многу здравје, успех и благосостојба во Вашите семејства.

Денешниот празник е уште една можност да ја одбележиме и прославиме долгата традиција на соживот и заедништво која ја имале луѓето и етничките заедници кои во минатото и денес живеат на овие простории на Македонија. Влашката култура и посебност си има свој дел, своја улога и своја историја, инкорпорирани со историјата и културата на Република Македонија. Таквата посебност е зачувана и се манифестира во многу општествени сегменти, а денес се прославува и преку 23 Мај – Националниот ден на Власите.

Трудољубивоста, солидарноста и прогресивноста се карактеристики на Власите и тоа се обележјата кои нам како држава ни се потребни во процесите на развој и напредок на Република Македонија. Ваквите процеси се постојано активни и секој поединец или група имаат свој придонес и своја улога. Сечиј успех, без разлика од каде доаѓа, без разлика дали е мал или голем, е дел од успешната приказна на државата. Токму затоа, сите ние треба да се вложиме себеси за да развиеме една силна и модерна Република Македонија, држава со која ќе се гордеат сите нејзини граѓани и сите идни генерации кои тука ќе живеат, творат и опстојуваат во следните векови. Уверен сум дека на тој пат ќе продолжиме да чекориме заеднички, одлучно и посветено. Нека Ви е честит и за многу години 23 Мај – Националниот ден на Власите !“– стои во честитката.