Денес во Министерството за внатрешни работи, директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков го прими директорот на полицијата на Република Австрија, генерал Конрад Коглер, како и првиот човек на сојузната австриска крим полиција генерал мајорот Герхард Ланг коишто се наоѓаат во дводневна работна посета на Република Македонија.
На средбата беше констатирано дека во текот на изминативе години австриската полиција се промовираше во еден од најважните стратешки партнери на македонското МВР, за што најголем доказ се бројните заеднички полициски акции реализирани од 2006 година наваму, особено во делот на недозволената трговија со дрога. А тоа пак е резултат на зголемена доверба и соработка меѓу двете полиции, но и плод на подигнатите стандарди во работењето и заеднички демонстрираната волја за ефикасна борба против криминалот.
Како што истакна директорот Чавков, особено важна е извонредната соработка на оперативно ниво чии што резултати – многуте заеднички проекти, како и формираните заеднички истражни тимови – создадоа реални услови, односно квалитетна основа за утврдување на нови механизми за одржлив и системски пристап во натамошната заедничка борба против криминалот. Притоа Чавков потенцираше дека иднината пред се е во менувањето на курсот од реактивен во проактивен пристап, преку промовирање и на заеднички оперативни тимови коишто би работеле на рано профилирање на лица и криминални групи. Истовремено првиот човек на БЈБ ги информираше своите колеги од австриската полиција за досега спроведените реформи во рамки на Бирото за јавна безбедност и за изготвените стандардни оперативни процедури за постапување со кои што македонската полиција отпочна да работи согласно европските стандарди.
Чавков, меѓу другото, изрази очекување за натамошно продлабочување на соработка, особено во делот на аналитичките капацитети и разузнавањето, како и превенцијата и работатата во заедница. Според Чавков со поддршката на Австрија во овие процеси борбата против криминалот ќе добие во ефективност и дополнителен кредибилитет.
Од своја страна пак генерал Колглер ја истакна досегашната одлична соработка потенцирајќи дека како што се менуваат состојбите во криминалот така и полициите мораат да се подобруваат и надградуваат во своето работење. Австрија како и другите земји, соред Коглер се соочува со интернационализација на криминалот условена од поглемата мобилност, движења миграции, при што се поголем број кривични дела се извршуваат од странци и заради тоа е неопходна поинтензивна соработка меѓу полициите. Генерал Коглер ја поддржа идејата за усогласување на аналитичките процедури со цел подобрување на размената на информации и спроведувањето на поефикасни истраги
Исто така и генерал Ланг како исклучително важна во рамки на меѓународната соработка ја оцени улогата на СЕПКА (асоцијација на директорите на полицииte на земји од ЈИЕ) изразувајќи ја подготвеноста на Австрија да партиципира во натамошниот развој на оваа асоцијација истакнувајќи дека во завршна фаза се подготовките на новиот концепт, односно правната рамка и стратргијата на СЕПКА по што би следеле дополнителни обуки. Ланг исто така ги акцентираше досегашните успешни македонско-австриски полициски акции посочувајќи ја пред се оперативната акција “Диригент“, како најдобар пример за ефикасна полициска соработка.
Инаку високата делегација на австриската полиција беше примена и од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.