Поради постоење основи на сомнение за сторени казнени дела „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“ и „Спречување службено лице во вршење службено дејство“, полициската станица од Струга против лицето З.Ѓ.(38) од струшкото село Велешта, поднесе кривична пријава.
На 27-ми мај оваа година, пријавениот манифестирал агресивно однесување и на висок тон почнал да навредува а потоа и физички нападнал полицискиот службеник кој на раскрсницата на магистралниот пат према граничниот премин Ќафасан вршел физичко регулирање на сообраќајот.
Настанот се случил околу 18 часот кога по магистралниот пат се движела делегација со полициски возила во придружба. Несакајќи да го причека поминувањето на колоната возила и непочитувајќи го јасно дадениот знак за застанување, пријавениот З.Ѓ. го придвижил своето патничко моторно возило „Опел Корса“ преку издигнатите површини на раскрсницата и застанал до полицискиот службеник. Излегол и веднаш со тупаници го нападнал полицискиот службеник удирајќи го во пределот на левото уво на главата и десната рака. Притоа му откинал и делови од полициската униформа.
Пријавениот З.Ѓ. е лице против кого досега се поднесувани кривични пријави за кривични дела против правниот сообраќај за што му е изречена тримесечна затворска казна.