Од 24 мај 2014 до 05 јуни 2014 е отворен Конкурсот за учество во Обуката на млади лидери, која по петти пат ќе се одржи во Охрид од 18 до 28 август 2014.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
Програмата опфаќа предавања од лидерството и менаџментот со еминентни предавачи и гости од земјата и странство, менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик.
Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Претседателот на Република Македонија, како покровител на оваа програма.
Идејата за основање на летна школа за млади лидери потекнува од Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, чија визија е да им овозможи на младите луѓе да се запознаат со нови содржини и практики, да ги усовршуваат своите знаења и вештини и да станат идната водечка сила на општеството и на Република Македонија. Или како што и самиот вели: „Општеството е како брод и во секое време треба да постојат луѓе што ќе бидат подготвени да го преземат кормилото… За идните кормилари да бидат подготвени да го преземат кормилото мора постојано да се инвестира во нивниот развој и наобразба”.
Услови за конкурирање:
– Одлично познавање на англиски јазик
– Просек од високо образование (додипломски) да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно според македонскиот систем за оценување доколку се работи за диплома од странство).
– Работно искуство од една до пет години како и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.
Потребни документи за апликација:
– Две препораки од вашата организација, компанија или факултет.
– Потврда за одлично познавање на англиски јазик.
– Копија од Уверение за положени испити.
– Биографија
– Кратко мотивациско писмо
Комплетната апликација да се испрати по пошта најдоцна до 05 Јуни 2014 год. на адреса:
Кабинет на Претседателот на Република Македонија
(Комисија за избор „Иванов Школа за лидери – Меѓународна”)
„Вила Водно”
Ацо Караманов 33А
1000 Скопје