Во организација на РЦ за ГР Југ, а по повод десетгодишнината од формирањето на граничната полиција при Министерството за внатрешни работи денес во Кавадарци на фудбалскиот стадион при спортскиот центар Јасмин со манифестацијата – отворен ден со полицијата – на којашто наедно присуствуваа и челните луѓе на МВР, предводени од министрерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, Митко Чавков, беше одбележан јубилејот на македонската гранична полиција.
На манифестацијата граѓаните, како и основците и младите од Кавадарци, Неготино и Росоман имаа можност преку контакти и разговор со полициските службеници да се информираат за се она што ги интересира од доменот на работата пред се на граниrчната полиција притоа запознавајќи се и со дел од техничките и други средства потребни во секојдневното функционирање на полицијата. Наедно беше изведена и куса показна вежба на Единицата за специјални задачи (спуштање со јажиња од хеликпотер).
Како што истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес во рамки на Граничната полиција при МВР работат околу 1.750 полициски службеници распоредени во четирите сектори за гранични работи (“Север“, “Исток“, “Запад“ и “Југ“).
Од формирањето на граничната полиција во 2004 година, како резултат од преземените реформски зафати во МВР во областа на интегрираното гранично управување, до денес оваа организациона единица на македонската полиција е нормативно, кадровски и технички целосно сообразена согласно стандардите и критериумите на ЕУ.
Граничната полиција има редовна соработка со сите соседните гранични служби, освен со Р. Грција. Односно со сите соседни земји (освен Грција) има размена на информации на сите три нивоа, редовни состаноци и мешани патроли на границите со сите соседни земји; потоа заеднички гранични премини со Албанија и Србија; заеднички контакт центри со Албанија, Србија и Бугарија; како и заеднички операции и обуки на македонската и албанската гранична полиција.
Во периодот од 2004 заклучно со првото тромесечие на оваа година остварени се речиси 132 милиони легални минувања преку граничните премини на Република Македонија, со тренд на континуирано зголемување на бројот на остварен влез и излез на годишно ниво. Притоа, во посочениот период на близу 35.000 странски државјани не им е дозволен влез во Република Македонија, додека пак откриени се и спречени над 17.000 обиди за илегално минување на државната граница.
Само во текот на минатата 2013 година откриени се 1.132 илегални мигранти, а истовремено од страна на граничната полиција откриени се 115 кривични дела од разни области, a притоа, меѓудругото, запленети се и околу 250 килограми марихуана, над девет килограми хероин, околу 30.000 кутии разни марки цигари над 5.000 парчиња шверцувана конфекциска стока, како и значителна сума девизи, евра и франци.