За 18.370 ученици од завршните години во средните училишта, утре почнуваат полагањата на предметите од државната матура. Тие ќе полагаат по новиот концепт, таканаречен 1+2 модел, според кој е предвидено полагање на 3 екстерни и еден интерен предмет, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски на денешната прес конференција.
„Мајчиниот јазик е задолжителен екстерен предмет за сите ученици, додека кај другите два екстерни предмети постои можност за избор. Првиот, се избира од 2 општообразовни наставни предмети и тоа, математика и странски јазик за учениците од гимназиско и средно стручно образование, односно, странски јазик и естетика/филозофија за учениците од средно уметничко образование. Додека кај вториот екстерен предмет со право на избор, ученикот одлучува од понудена листа на предмети од општествената и природната група. Кај интерниот предмет, ученикот избира еден од понудената листа и тоа, општообразовен предмет за учениците од гимназиско образование, односно стручен предмет за учениците од средно стручно и средно уметничко образование. И понатаму обврска на секој ученик е да изработи проектна задача, која се оценува интерно“, рече Ристовски.
Матурантите утре ќе го полагаат задолжителниот екстерен предмет- мајчиниот јазик. На 11 јуни следат полагањата за учениците кои избрале англиски, француски, германски или руски јазик. На 13 јуни ќе се полага математика, естетика и филозофија, а на 16 јуни ќе се одржат испитите по хемија, физика, биологија, историја и бизнис.
Годинава е зголемен бројот на учениците кои одлучиле да полагаат математика основно или напредно ниво, додаде Ристовски.
„Тоа можеби е еден како показател и за зголемениот интерес кај матурантите да го продолжат своето образование на некој од техничките факултети. Всушност, 2.398 ученици избрале да полагаат математика основно ниво оваа година, а 26 избрале да полагаат математика напредно ниво. За споредба, минатата година 2.142 кандидати полагале математика основно ниво и само 12 полагале математика напредно ниво. Вообичаено, најмногу кандидати ќе полагаат англиски јазик, вкупно 16.858, односно за 2,2% повеќе од минатата година“, рече Ристовски.
Учениците кои од оправдани причини нема да полагаат во јунскиот испитен рок, или оние кои не положиле дел или сите испити од државната матура, имаат можност да полагаат во август. Прелиминарните резултати од екстерните предмети ќе бидат објавени најдоцна 30 дена од полагањето на последниот екстерен испит. Овие резултати се конечни за учениците кои нема да приговараат, додека матурантите кои сметаат дека се направена грешка при оценувањето на нивните тестови, можат да достават приговор во рок од два дена по објавувањето на резултатите.
Во целиот процес на полагање државна матура, покрај вработените во Државниот испитен центар, вклучени се и членови на училишни матурски комисии, околу 2 000 обучени тестатори-наставници, речиси 500 оценувачи, 24 локални координатори и членови на комисии за приговори. Испитите ќе ги следат над 200 овластени набљудувачи.