Охрид дел од традиционалните спортски игри „Спортски Бон-Тон“

Претседателката на охридскиот совет Гордана Коњаноска и градоначалниците на Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село и Свети Николе, како и претставник од Здружението за развојни иницијативи – Геостратешки институт „Глобал“, вчера во Скопје потпишаа меморандум за соработка за спроведување на проектот, Традиционални спортски игри, „Спортски Бон-Тон“.

Претседателот  на Македонија, Ѓорге Иванов, кој е и покровител на проектот, посочи дека спортот заедно со семејството и училиштето е третиот столб на образованието на децата.

Проектот „Спортски Бон-Тон“ има за цел промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се  надминуваат  стереотипите и се  зацврстуваат   меѓуетничките односи во Република Македонија.

Проектот, кој се одржува трета година по ред, е поддржан од Амбасадата на САД. По тој повод  Амбасадорот на САД  во  Македонија, Пол Волерс истакна дека добриот спортски однос, дружењето, соработката и тимската работа никогаш не излегуваат од мода. Тие се основите на кои се надградуваат победничките тимови и успешните заедници ширум светот. 

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.

Оваа година, проектот Традиционални спортски игри „Спортски Бон-Тон“ ќе се реализира во периодот од јуни до ноември 2014 година преку спортско-културни манифестации во шесте општини потписнички на меморандумот.

bon-ton_4851 bon-ton_4852