ОО на СДСМ Охрид, денес испрати соопштение до медиумите, во кое стои:
„Во време кога во сите училишта во општинава се спроведува фамозниот проект – екстерно тестирање – најодговорните и најповиканите први луѓе во охридските училишта – директорите – нашле за сходно да заминат на службено патување во Турција. Иако сите разборити луѓе во државава, освен одговорните во ресорното министерство, знаат дека квази-проектот се спроведува со многу пропусти – хаотично, неуко, непрофесионално, сосема непотребно и по секоја цена, со единствена цел – да се „дисциплинираат“ наставниците и професорите, сепак е несфатливо како е можно првите луѓе во училиштата да не се тука во екот на спроведувањето на екстерното тестирање.
Го прашуваме градоначалникот на општина Охрид, како најодговорен и најповикан да и‘ одговори на јавноста, бидејќи тој ги именуваше овие директори:
– Зошто токму во овој период директорите се отсутни, кога по дефиниција самите се претседатели на училишните комисии за спроведување на екстерното тестирање?
– Зарем овој толку „важен“ проект, кој го промовира владата на ДПМНЕ, не е толку приоритетен за охридските директори на училиштата?
– Кој ќе одлучува во нивно име за евентуалните технички проблеми, кои можат да настанат денес при спроведување на тестовите?
– Кој го врши мониторингот и контролата во нивно отсуство?
– Како можат овие Ваши именувани директори да се однесуваат толку неодговорно кон еден толку „важен“ проект, кога нивната улога е „многу значајна“ за успешно спроведување на истиот?
Воопшто не е спорен фактот дека патувањата, чија цел е размена на стручни искуства со други училишта во странство, се повеќе од корисни, но цениме дека сега воопшто не е време да се отсуствува од училиштата, во екот на спроведување на проектот, од кој зависи успехот и иднината на учениците и наставниот кадар во нив. СДСМ воопшто не верува во еден ваков лош и штетен проект – да се малтретираат учениците со двојно оценување и да се евалуира наставниот кадар преку оценките на учениците со вакви тестови. Поради тоа, СДСМ јасно и децидно се изјасна за потребата од укинување на ваквиот контраверзен проект. Меѓутоа, кога веќе реализацијата на проектот претставува законска обврска, се прашуваме: Како може да бидат толку неодговорни оние, кои се најповикани да ги спроведуваат законските одредби во училиштата?“– стои во соопштението на ОО на СДСМ Охрид.