Машката ракометна репрезентација на Македонија направи голем чекор до пласман на СП 2015 година, победувајќи во првиот бараж дуел со Грција, 27-25 одигран во Атина. Потешко од очекувањата, и со неизвесност во текот на целиот меч, Македонија сепак успеа на крај да извлече триумф, и да го искористи искуството и индивидуалните квалитети на своите ракометари за да триумфира.
Сега во недела останува пред домашна публика да се визира патот во Катар, каде повторно фаворит на средбата е Македонија. Успехот на нашите сениори висеше на само неколку минути до крајот, но искуството и концентрацијата беа квалитетите кои пресудија во корист на Македонија. Грците имаа водство 25-24 во 55. минута, но оттогаш не постигнаа ниту еден гол, благодарение на Борко Ристовски, кој и во тие моменти го држеше фокусот за да заокружи партија со 16 интервенции. Во нападот, пак „се разбуди“ Филип Лазаров кој постигна два гола во серијата од 3-0 и ја запечати победата која овозможува спокоен реванш во Скопје, идната недела.
Во првиот дел имавме резултатска контрола, но секогаш кога требаше да се издвоиме на трет гол разлика нешто изневеруваше. Имавме напад за три позитива и пред да заврши првото полувреме, но наместо да постигнеме примивме гол на четири секунди до сирената и вториот дел почна со 13-12 за Македонија.
Периодот кој можеше да го расипе патувањето се случи од 35 до 45. минута, кога Македонија постигна само три гола, а прими седум и дојде во ситуација да брка негатива (20-22). Резултатот беше тесен и можеше да замине на која било страна сѐ до завршните решавачки моменти. Кире Лазаров беше најефикасен со седум гола, Дејан Манасков имаше 100-процентен ефект со шест, од нив дури пет во првиот дел, а Ристовски беше натпросечен со 16 одбрани. Грците ги предводеше пикерот Маранго со четири гола, а одличен беше Георгијадис со 12 одбрани.
Реваншот се игра на 15 јуни во „Борис Трајковски“ во 20 часот.