Барбара Фритоли и Лео Нучи за старт на 54-то издание на „Охридско Лето“

Големи уметници чиишто настапи ги красат најпрестижните светски сцени. Охридско Лето и оваа година ќе блеска по 54-ти пат. Повторно  најголемите, најславните и најуспешните ќе остават блескава трага во  богатата историја на фестивалот.

„По традиција на Антички за старт на фестивалот имаме голема ѕвезда, а годинава ќе ја започнеме со две мега ѕвезди.  На 12 јули вечер на популарни оперски арии во изведба на уметниците со прекрасен глас Барбара Фритоли, сопран од Италија, Лео Нучи, баритон од Италија под диригентската палка на маестро Луис Горелик од Италија во придружба на Македонската филхармонија која со овој концерт го прославува својот 70 годишен јубилеј“, најави на денешната пресконференција директорката на „Охридско лето“, Елизабета Јанкуловска.

Селекторот на музичкиот дел на програмата Гордана Јосифова Неделковска рече дека атрактивната Барбара Фритоли, остварува незаборавни креации во оперите на Моцарт, Верди, Пучини на водечките светски сцени во Европа и Америка меѓу кои Метрополитен, Штаатсопера и Ла Скала, со врвните диригенти од кои ќе ги издвоиме Зубин Мехта, Клаудио Абадо, Рикардо Мути, Колин Дејвис. 

„Таа е гламурозна певица која со својот ангелски глас веднаш ги oсвојува целосното внимание и воздишки на публиката.  Меѓу позначајните настапи се вбројуваат настапите на Свадбата на Фигаро, Отело, Дон Џовани, Симон Боканегра и многу други.  Критиката Лео Нучи најчесто го опишува како извонреден пеач, длабок уметник, кој на сцена совршено го доловува ликот што го толкува, на начин и со техника со која ја маѓепсува публиката и ја носи во едно друго време, во друг свет“, вели Јосифова Неделковска.

Овие светски оперски ѕвезди на Охридско лето ќе настапат со оркестарот на Македонска филхармонија, кој оваа година бележи јубилеј – 70 години постоење.  Во рамки на годинешното издание на Охридско Лето, македонската публика за прв пат ќе има  задоволство и прилика да биде дел од концертот на светски познатиот и исклучително атрактивен кросовер и класичен музички уметник, хрватскиот маестрален пијанист Максим Мрвица. На 1 август на сцената на „Антички Театар“ гостува The VOCA PEOPLE – сензационалниот перформанс на музичката комедија која комбинира восхитувачки и неверојатни вокални звуци, во предворјето на Св. Софија на 17 јули во рамките на Полската вечер ќе настапи светската атракција Моцарт Група а меѓу позначајните е и настапот на еден од најдобрите пијанисти на денешницата – фантастичниот Аркадиј Володос.  

„Како претходните години, така и оваа, посебен предизвик претставува изборот на уметници за концертот на 4 август по повод роденденот на фестивалот. По незаборавниот концерт на светската ѕвезда Немања Радуловиќ за затворањето на музучкиот дел минатата година, кога се претстави со класичен програм, на наше задоволство и оваа година ќе имаме чест дауживаме  во неговото музицирање заедно со групата Ѓаволски трилери со атрактивна програма со нови звучни димензии за стручната и пишироката публика. На нивните изведби на најопширен и стилски разновиден репертоар им се восхитувала публиката на престижните фестивали и концертни сали, и длабоко верувам дека така ќе биде и на нашиот роденденски концерт“, изјави селекторот на музичкиот дел од програмата Јосифова Неделковска. 

Театарската продукција на овогодинешното Охридско лето  ќе обилува со хумор, ведрина, полетност и убавина, секако ставена под раката на класиката и високата уметност, најави селекторот Ѓорѓи Јолевски. На различни театарски простори , во различни театарски форми и жанрови со префиксот интернационални уметнички дела побликата ќе има прилика да види девет  театарски изведби.

„Битолскиот Народен театар ќе се претстави со Шекспировото „Отело“, театар Комедија ќе ги разнежи срцата на посетителите со претставата „Многу врева за ништо“. Магот на театарската и филмската уметност Љубиша Георгиевски ќе го претставиме на публиката, затоа што одбележува роденден 77 години, а 55 години творештво. Драмскиот театар од Скопје премиерно ќе изведе еден од најновите текстови на македонската авторка Жанина Мирчевска. Режисерот Паоло Маџини ќе го видиме со невообичаен театарски проект. За прв пат во Македонија ни доаѓа театарот У-Мостра од Русија. Затворањето на фестивалот ќе биде со претстава на Звездара театарот од Белград“, посочи селекторот Јолевски.

Драмскиот театар од Скопје премиерно ќе изведе еден од најновите текстови на македонската драмска авторка Жанина Мирчевска,која работи и живее во Словенија, ,,Ждрело,, во режија на Зоја Бузалковска. 

„Оваа силна драма која зборува за алчноста и лакомоста ја користи гротеската како форма која во спрега со постмодерниот јазик со сигурност ќе ни донесе новина во театарското истражување“, потенцираше селекторот. 

Втората премиера е на Албанскиот театар кој влегува во лудилото наречено Мартин Мак Донах со неговиот драмски текст ,,Предавање,, во режија на младиот Ќедрим Ријани. Паоло Маџели е режисерското име кое е длабоко врежано во меморијата на македонскиот театарски гледач по претставите Тетовирани души и Црна дупка од Горан Стефановски што ги режираше во крајот на осумдесеттите години во Македонија . Овој пат во Охрид ќе го видиме невообичаениот авторски театарски проект на италијанскиот режисер со наслов ,,Његош и ја,,  во продукција на Народно позориште од Подгорица, Црна Гора. 

Оваа театарска инсталација е свет-сон на авторот и неговиот однос кон еден од најголемите поети, Петар Петровиќ Његош, а јазикот со кој го создава тој сон е потполно автентичен и духовит како и самиот режисер. Во претставата меѓу другите актери играат Кармен Бардак , Маја Пелевиќ како и самит автор Паоло Маџели. Екслузивитет на проектот авторот на  музиката, еден од нашите најдобри композитори, Љупчо Константинов кој исто така и игра во претставата.

На 20 август во 21 часот, на Затворањето на 54то издание на Охридско лето ќе биде со една од најекслузивните претстави создадени во оваа година а тоа е претставата на Звездара театарот од Белград, ,,Роденденот на господин Нушиќ,, текст на Душан Ковачевиќ во режија на Небојша Брадиќ а во насловната улога ќе го видиме Бранислав Лечиќ. 

Инаку на Охридско лето настаните на Антички и Долни Сарај ќе бидат изведувани под монтажен покрив. За посетителите пак се обезбедени перничиња за седење и кабаници за дожд. Од Фестивалот велат дека се создадени и комплетно услови за лица со посебни потреби. Направени биле пристапни рампи за нивно  непречено присуство на сите сценски простори.

Директорката на фестивалот потенцира дека Охридско лето изминативе години се потврди како најголем меѓународен фестивал во Македонија, во регионот и пошироко. Доказ за тоа, како што рече, се бројните награди и позитивни критики кои ги добиле изминатиот перид. 

„Министерството за економија ни ја додели наградата за најголем туристички настан за 2013 година, СОКОМ со Номинациите за наградите Виртуози од областа на класичната музика не номинираше во неколку категории за на крај да добиеме  две многу значајни признанија: Концерт на годината со Кшиштов Пендерецки и Македонската филхармонија во рамки на Полската вечер на Охридско лето за што бескрајна благодарност изразуваме на Полската амбасада без која овој настан немаше да се случи, како и на уметниците од Македонската филхармонија кои со својот професионален ангажман заслужено ја добија оваа награда“, рече Јанкуловска.