Апликацијата „Пинг-понг“ е првонаградена на натпреварот за избор на најдобри HTM 5 апликации, во организација на Министерството за информатичко општество и администрација и корпорацијата „Интел“.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски денеска на авторот на апликацијата „Пинг-понг“ Миле Костоски му додели лап-топ награда од „Интел“.
Награди за второ и треторангираните апликации „Такси“ и „Планер за цели“ се таблети и сертификати. Апликацијата „Такси“ ја изработија Бојан Војновски, Игор Завојчевски, Филип Митревски, Дарко Пајковски и Весна Ристевска, а на „Планер за цели“ Тони Наковски, Бобан Аврамовски, Катерина Трифуноска, Жанко Митрески и Мирјана Арѓир.
Министерот Ивановски им порача на наградените автори на апликаците да продолжат и понатаму да креираат, да создаваат апликации, да истражуваат и да користат својата индивидуална моќ и способност.
„Овие резултати нека ве охрабрат и понатаму да продолжите да чекорите во областа на информатиката, да ви послужат како поттик за нови дострели со креирање апликации, оти тоа му е потребно на нашето општетсво“, рече Ивановски.
На натпреварот се пријавија 11 групи, составени од по еден до пет членови, кои имаа период од 30 дена да осмислат, програмираат и достават HTML 5 апликација со комплетна функционалност. Изработените апликации ги оценуваше комисија, а најдобрите пет беа испратени на разгледување во „Интел“. На изборот му претходеше обука за развивање апликации, организирана од „Интел“ во април годинава.
HTML 5 e дизајниран за реализација на многу работи што сите информатичари би сакале да ги прават он лајн без посебни додатоци. Дијапазонот на креации е мошне широк, од анимации до апликации, музика, филмови, па дури и сложени анимации кои се користат во пребарувачите.