Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска се сретна со Лена Гапиќ, иницијатор за основање на реномираниот етно-состав „Езерки“ од Хрватска и со дел од членовите на групата која синоќа во Музејот на македонската борба одржа концерт.
Канческа Милевска изрази задоволство од средбата со, како што рече, еден од најдобрите и најреномираните балкански етно-состави „Езерки“ и оркестарот „7/8“.
„Имавме можност да поразговараме и за нашата досегашна и идна соработка која се развива преку Хрватско-македонското друштво. Посебно ми е драго што оваа година во Годишната програма на Министерството поддржавме еден навистина многу добар проект од национален интерес, а тоа е македонска музичка разгледница во светот, кој се реализира преку вокалниот етно состав „Езерки“ и оркестарот „7/8““, посочи Канческа Милевска.
„Езерки“, нагласи министерката, се верни чувари на традиционалната наша македонска музика, воедно и големи амбасадори на македонската култура во светот.
„Тие ја интерпретираат македонската изворна музика и староградски песни. Проектот е многу значаен пред се за промоција на Македонија. Од него ќе произлезе и ЦД на кое ќе има и песни на овој ансамбл, како и видео запис за убавините на Македонија“, рече Канческа Милевска.
Потенцира дека преку Програмата потпишана со Хрватска во делот на културата во 2012 година, се обидуваат да реализираат што поголем број проекти со хрватското Министерство за култура и преку Македонското-хрватско друштво македонската култура да ја промовираат насекаде во светот. Членовите на групата, додаде министерката, денеска заминуваат во
Велес каде ќе гостиваат на 51. издание на Рациновите средби, а од 6 до 12 јули ќе настапат Ријека.
Лена Гапиќ, иницијатор за создавање на групата, која е Македонка и живее во Загреб, истакна дека нивната музичка разгледница ќе биде нешто вистинско бидејќи сакаат, како што рече, луѓето во светот да ја запознаат македонската култура. Бруно Урлиќ, диригент, рече дека во рамки на 20.годишната соработка со „Езерки“ и оркестарот „7/8“ направиле четири ЦД-а.
„Имаме среќа да бидеме еден мост на македонската музика кон Европа бидејќи нашата географска позиција е сепак речиси илјада километри близу до Европа. Нашите концерти кои ги одржувавме во поширокиот регион, според многумина, претставуваат мост на македонската музика. Меѓу нас има многу родени Македонци, а останатите се оние кои го дадоа своето срце и знаење тоа да го пренесат понатаму“, посочи Урлиќ.
Нашето петто ЦД, додаде тој, има нови десет песни и планираме во рок од година дена да одржиме голем концерт во Загреб со многу гости и да направиме еден документарен филм во кој ќе го претставиме нашето делување низ Хрватска, Македонија, патувањата, до македонските убавини од Скопје, преку Велес, Стоби, Охрид итн.
Претседателот на Хрватско-македонското друштво Јудоита Реј Удечек рече дека тие придонесуваат за промоција на македонската култура во светот.
„Убаво е што Македонија ја препозна нашата работа. Се надевам дека оваа соработка ќе продолжи и натаму и дека ќе ги користиме искуствата кои ги имаме и за македонската култура“, додаде Реј Удечек.
„Езерки“ има 18 членки, а оркестарот „7/8“ брои меѓу осум и 11 членови. Станува збор за состав кој 15 години делува во рамки на Хрватско-македонското друштво во Загреб.