Собранието на Република Македонија в четврток, на 19 јуни, треба да гласа за новиот состав на Владата, а мандатарот Никола Груевски пред пратениците се очекува да ја образложи владината платформа. Собранието во среда ќе одржи уште една седница, а во вторник ќе заседава и Комисијата за прашања на изборите и иманувањата.
Мандатарот Груевски, за министер за одбрана го предложи досегашниот амбасадор Зоран Јолевски, за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, за правда Аднан Јашари, за надворешни работи Никола Попоски, за финансии Зоран Ставрески, за економија Беким Незири, за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, за здравство Никола Тодоров, за образование и наука Абдилаќим Адеми, за труд и социјална политика Диме Спасов, за локална самоуправа Љиримк Шабани, за култура Елизабета Канческа Милевска, за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, за транспорт и врски Миле Јанакиевски и за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири.
За министри без ресор се предложени Владимир Пешевски, Фатмир Бесими, Муса Џафери, Фуркан Чако, Неждет Мустафа, Веле Самак, Бил Павлески, Џери Наумоф, Висар Фида и Горан Мицковски.
Во среда Собранието ќе ја одржи четвртата седница на која на дневен ред се Предлог-законот за изменување на законот за пратеници, по скратена постапка, поднесен од пратеникот Александар Николовски и Предлог-одлуката за објавување јавен конкурс за избор на член на Комисијата за заштита на правото од слободен пристап до информации од јавен карактер.
Комисијата за избори и именувања на седницата во вторник треба да да даде зелено светло за формирање на собраниските делегации за соработка со Паралемнтарното собрание, со ПС на ОБСЕ, во Интерпарламентарната унија и други.
Нема официјални информации кога пред пратениците ќе се најдат оставките од пратениците од опозицијата, ниту пак колкумина од нив ги повлекле.
Извор: Нет Прес