Со “фалс“ документи заложиле туѓ стан, добиле кредит и парите си ги поделиле

СВР Скопје–Единица за економски и компјутерски криминал до Основното Јавно Обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против четири лица од Скопје и тоа против Ч.Т. (57) заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело  – “измама при добивање кредит или други околности“, Т.Т. (48) за кривично дело – “фалсификување исправа“ и “соизвршителство“, Д.К. (28) за “соизвршителство“ и З.М. (56) за кривични дела “поттикнување“ и “соизвршителство“.

Имено, на 19.06. минатата година до СВР Скопје-ЕЕКК, лицето Т. Д. од Скопје, поднесе кривична пријава против непознат сторител, како и кривична пријава против Стопанска банка АД Скопје, за кривично дело – “фалсификување исправа“ – лична карта со фотографија од непознато лице, а со податоци на пријавениот Ч.Т., која лична карта била искористена во постапка пред Стопанска банка за одобрување на станбен кредит за првопријавениот. Личната карта била искористена и пред нотар од Скопје, при солемнизирање на договорот за кредит пред кого во оваа постапка станот во сопственост на пријавителот Т.Д. е ставен под хипотека, односно над истиот е ставено заложно право, а пријавителот без негово знаење и било какви превземени дејствија по однос на тој кредит станал заложен доверител за кредит во износ од 19.000 евра, или во денарска противвредност 1.142.700 денари, исплатени на кредитобарателот Ч.Т.

По превземање на мерки и активности, ЕЕКК констатира дека во јануари 2013 година на барање на Т.Т., четвртопријавениот З.М го пронашол Ч.Т. и го убедил во негово име да подигне кредит од Стопанска банка за потребите на четворицата пријавени. Т.Т. потоа изготвил фалсификувана документација за работен однос за Ч.Т. согласно која тој е вработен во правно лице “БИЗНИС МЕТ КОМЕРЦ“ на кое тој второпријавениот бил сопственик и управител, без регулиран работен однос. Воедно, Т.Т. изготвил и невистинита потврда за исплатени плати и потврда за редовен работен однос, по што пополниле образец барање за потрошувачки кредит на име на Ч.Т. кој заедно со придружната документација го поднеле во Стопанска банка АД Скопје филијала Капиштец, претходно заверен со потпис и печат од правното лице со ставен архивски број на правното лице. Кон оваа документација приложиле и имотен лист за станбен простор сопственост на оштетениот и негова изјава дека истиот е согласен да биде гарант за предметниот кредит со неговиот имот.

Кредитниот одбор на банката го разгледал барањето и приложената документација и извршувајки проценка на станот го одобрил станбениот кредит. Ч.Т. потоа со уште едно непознато машко лице, со фалсификувана лична карта со податоци на пријавителот, отишле кај нотар каде бил изготвен нотарски акт. Кон актот била приложена и фалсификувана изјава од оштетениот, која пред нотарот со фалсификуваната лична карта на име на Т.Д. ја потпишало непознатото лице, при што нотарот воспоставил заложно право на станот.

На 05.02.2013 година во експозитура на Стопанска банка во ГТЦ, во присуство на Д.К., на Ч.Т. му се исплатени кредитни средства во висина од 19.000 евра во денарска противвредност. Пред банката истите биле чекани од Т.Т., З.М. и уште едно НН машко лице, каде незаконски стекнатите средства Ч.Т. веднаш му ги предал на Д.К., кој ги поделил со Т.Т., а потоа овој на Ч.Т. и З.М. како награда за добро завршената работа, им дал паричен износ од 250 до 300 евра во денарска противвредност.

На 12.овој месец во населбата Драчево во близина на пазарчето е пронајдено лицето Ч.Т. и истиот е лишен од слобода заради извршено кривично дело, по што на службен разговор е повикан и З.М. во кој истиот дал појаснување за извршеното кривично дело, за што бил известен дежурниот Јавен обвинител.

Во тек се превземање на мерки и дејствија за пронаоѓање на пријавените Т.Т. и Д.К., кои до овој момент се недостапни, а истовремено се превземаат мерки и дејствија за идентификување на непознатото машко лице, кое употребило фалсификувана лична карта со податоци на оштетениот.

Инаку, тројца од четирите пријавени лица се познати на службата и тоа: против Т.Т. се поднесени осум кривични пријави за извршени вкупно 16 кривични дела (осум “тешки кражби“, три “фалсификување исправа“, три “измама“, една “кражба“ и еден “грабеж“) за кои од надлежен суд му се изречени пет казни затвор и една условна казна затвор, потоа против Д.К. се поднесени две кривични пријави за извршени две дела “тешка кражба“ за кои му е изречена една условна казна затвор и една мерка „Засилен надзор од родител – посвоител“ како и против З.М. пет кривични пријави за извршени шест кривични дела (две “фалсификување исправа“ и по едно “измама при добивање кредит или друга погодност“, “фалсификување пари“,  “загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и “кражба“) за кои од надлежен суд му се изречени две казни затвор, една парична казна и една мерка „Засилен надзор од родител – посвоител“.