Од денеска, екипи на општинските Јавни претпријатија започнуваат со градежни активности на летната сцена „Долни сарај“. Просторот на влезот од сцената ќе се пренамени во паркинг простор, а дополнително просторот хортикултурно ќе се уреди.
„Големиот ѕид на влезот кој го грдеше ликот на „Долни сарај“, ќе биде срушен, а на негово место ќе се постави нова метална ограда. Просторот ќе биде поплочен со бехатон плочки.“– информираат од локалната самоуправа.
Покрај изградбата на паркинг простор, предвидено е странично да се санира потпорниот ѕид, да се обнови зеленилото и дополнително да се оплемени со нови цветни насади. Покрај тоа, просторот ќе добие дополнително осветлување и клупи за одмор. Според предвидениот план за работа се очекува градежните активности на овој простор да завршат пред почетокот на Балканскиот фестивал.
„Со пренамената на овој простор за паркирање ќе се реши дел од долгогодишниот проблем на жителите од стариот дел на градот.“– додаваат оттаму.