Според податоците на Државниот завод за статистика, во Република Македонија вкупно се родени 23 334 деца, од кои живородени се 23 138 и 196 мртвородени деца. Бројот на живородените деца во 2013, во споредба со минатата година, е намален за 430 деца или за 1.8%. Во структурата според пол, кај живородените деца машките имаат поголемо учество и тоа 52.3%, односно, на 100 живородени женски деца 109.5 се машки.
Според возраста на мајката, најголемо учество, односно 35.5% се живородени деца од мајки на возраст 25-29 години, па следуваат мајки од возраст на 30-34 со 26.0%, па мајките од 20-24 со 22.2% итн. Просечната возраст на мајката при вкупниот број на раѓања е 28.4 години а 26.6 години на првите раѓања, односно благ пораст во однос на минатата година. Генерациска година на раѓање на мајката која се појавува како најфреквентна при раѓањето на детето е 1985 година.
Во 2013 година се регистрирани 25 живородени деца од мајки на возраст под 15 години.
Бројот на вонбрачните живородени деца изнесува 2 625 деца, или 11.3% од вкупниот број на живородените деца припаѓаат на вонбрачните.