Главен приоритет за Владата во наредните четири години е интензивирање на економскиот раст, со стапка на пораст на БДП помеѓу 3 проценти и 6 проценти, истакна мандатарот Никола Груевски при презентацијата на Предлог-владината програма за периодот 2014-2018 година.
Во првата половина од мандатот, според Груевски, заложбите се растот да е 3 проценти до 4,5 проценти, а во периодот 2017−2018 година да биде повисок и да достигне 4,5 до 6 проценти.
„Овие претпоставки се остварливи само доколку се исполни претпостaвката за натамошна стабилизација на светската и европската економија и доколку не се случат нови глобални економски шокови. Во насока на остварување на економскиот раст ќе бидат политиките на одржување високи капитални инвестиции во буџетот преку реализација на крупни инфраструктурни проекти како и мерките за натамошно зголемување на домашните и странските инвестиции“, рече Груевски.
Фискалната политика, најави, ќе остане насочена кон зачувување на макроекономска стабилност, умерен буџетски дефицит и негово постепено намалување и поврзаност со зголемен обем на капитални инвестиции во инфраструктурата. Стапката на инфлација се очекува да остане на умерено ниво од 2,5 до 3 проценти на годишно ниво.
„Ќе се почитува независноста на НБРМ во монетарната политика и нејзиниот избор на инструменти за одржување на стабилноста на цените, на ниска инфлација и стабилен девизен курс. Финансискиот сектор ќе остане стабилен. Со намалувањето на екстерните ризици се очекува постепено зголемување на кредитната поддршка на банките за приватниот сектор“, посочи Груевски.