Безбедносната состојба во Сирија, последиците од излегувањето на Велика Британија од ЕУ, европската одбранбена соработка и справување со тековните кризи беа главни теми на состанокот на министрите за надворешни работи од трансатланското партнерство во организација на државниот секретар на САД, Џон Кери, на кој учествуваше и шефот на македонската дипломатија Никола Попоски.
Како што соопшти МНР, во контекст на осигурување на безбедноста и стабилноста во регионални рамки, под претседателство на Босна и Херцеговина во Њујорк се одржа и работен состанок на земјите членки на Централно-европската иницијатива, со која Македонија претседаваше минатата година. Во оваа насока се одржа и работен состанок на државите членки на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, во организација на Хрватска како претседавач.
Министерот Попоски учествуваше и на настан на високо ниво на тема: „Силата на менаџментот со граѓански кризи”, во организација на министерот за надворешни работи на Германија, Франк Валтер Штајнмаер. Воедно, се обрати и на годишниот работен појадок на неформалната министерска мрежа за Меѓународниот кривичен суд.
На маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк, министерот Попоски имаше повеќе билатерални средби. На средбата со грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, како што се наведува, беше констатиран напредокот во имплементацијата на мерките за градење доверба, натамошното зацврстување на врските меѓу двете земји, а се разговараше и за претстојната средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија, Грција, Албанија и Бугарија.
На средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се разговараше за билатералните односи, во чии рамки министерот Попоски се заблагодари за помошта што Русија ни ја пружи во справувањето со последиците од полавите.
Со генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер, пак, се наведува, беше потврдена подготвеноста да се обезбеди што помасовно набљудување на претстојните парламентарни избори во Република Македонија.