Медиумска (не)писменост

Сигурно не се чудите и нема да се чудите ако прави грешки некое порталче или медиумче во нашава „голема“ Македонија. Но, дали е тоа нормално за голем (национален) медиум!?

Конечно се воспостави бродската линија Охрид-Поградец! Значи да потенцираме ПОГРАДЕЦ, без Д кое го имаат Подгорица или Подгорци, Подгор и.т.н. Утре во Поградец ќе се одбележи Денот на Охридското Езеро, и… погодете што! Сите си најавуваат дека Денот ќе се одбележи во Подградец.

Јасно е дека голем дел од новинарството во Македонија работи на принципот copy-paste, па сега… ако згреши еден, односно тврди дека треба да е Подградец, тогаш сите ќе тргнат по него и често правената правописна грешка ќе стане правило (барем за нив).

Има такви кои си ја бркаат работата професионално, описменети, начитани, нашетани, полни со искуство, но за жал тие се ретки. Повеќето работаат долги години во медиум, а не знаат да разликуваат ама баш ништо.

На крајот можеме само да им се заблагодариме на оние читатели кои знаат, веруваат и го ценат квалитетот и професионалноста на WebOhrid. Ние и понатаму ќе се придржуваме кон професионалните стандарди и принципи на Кодексот на новинарите.

WebOhrid