Свечено отворен првиот фестивал „Црешнобер 2014“- Фолк фест во Дебарца

Во општина Дебрца, поточно во Требеништа, синоќа свечено беше отворено првото издание на првиот фестивал „Црешнобер 2014“- фолк фест. Фестивалот се одржува 2 дена. Првата вечер, синоќа беше посветена на настапот на играорни групи, а вечерва 22 јуни (недела) – фестивалска вечер посветена на македонската изворна песна.

„Овој ден преставува зачеток на една традиција која во иднина ќе преставува носител на културната дејност во Општина Дебрца. Фестивалот Црешнобер преставува голем подвиг  и неговиот почеток е синоним за континуитет на културата во нашата Општина. Од идеја до реализација и стварност за овој вид на фестивал е принципот по кој Локалната самоуправа секогаш изнајдува начин за поддршка и покровителство за се она што е значајно и вредно и пред се служи за презентација на природните одлики со кои изобилува Дебрца а во случајов со надалеку познатата црешна.“– истакна во своето обраќање градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски.

Трајкоски додаде дека преку ваквите манифестации присутните ќе можат да се запознаат со значењето на  традицијата на ова поднебје, со продуктите кои се негуваат, со песните и ората кои од колено на колено се пренесувани, а денес сите ние како негуватели на традицијата имаме должност да ги пренесуваме понатаму.

„Оттука произлегуваат и основите врз кој се базира овој Фестивал. Афирмацијата на Црешата во Дебрца и нејзиното значење во целост е примарно и ние како Локална самоуправа се трудиме за што поголема презентација. Се надеваме дека овој Фестивал ке биде голем допринос на она што значи популација на Црешната која е одгледувана во Дебрца. Сигурни сме дека креирањето на позитивни настани, создавањето на дела кои ќе останат во спомените на сите присутни, ке бидат мотив повеќе Општина Дебрца да го зголемува бројот на културно – уметнички манифестации и да ги брендира и популаризира своите продукти. Во интерес на развојот на културата и презентирање на сите вредности на Општина Дебрца и пред се во интерес на жителите на Општина Дебрца би сакал да укажам дека Локалната самоуправа во целост ќе се стреми кон се поголема афирмација на Фестивалот Црешнобер и презентација и брендирање на производите  од нашата Општина.“- рече градоначалникот Трајкоски.

Тој во својот поздравен говор потенцира дека со овој фестивал „Црешнобер“ се започнува една голема традиција од доменот на културата која од година во година како што рече  ќе биде се поголема и помасовна.

Инаку, Фестивалот е во организација на Лав радио Охрид, додека  покровител на културната манифестација е општината Дебрца.

WebOhrid