Силен аплауз за настапот на „Танец“ во Рига

Со силен аплауз, синоќа во „Мега паркот“ во Рига беше поздравен настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, во рамките на Фестивалот на летната долгоденица, кој е еден од најзначајните настани кои се реализираат во рамките на манифестација „Европска престолнина на културата“.

Со настапот на „Танец“ на фестивалот кој традиционално се одржува на отворено, летонската  публика имаше можност да види мал дел од богатата македонска фолклорна традиција. Амбасадорот на нашата држава и презентер на непроценливото македонско фолклорно богатство кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ се претстави со изведбата на народните ора „Тешкото“, „Малешевка“, „Драчевка“, „Лазаренка“, „Шопска“, познатите македонски вокални сплетови, како и со рачно изработените народни носии кои ги отсликуваат македонската традиција и македонските обичаи.

„Настапот на „Танец“ во рамките на Европската престолнина на културата е особено значајно важна мисија чија цел е славење на заедничкото културно наследство. Затоа особено сум горд што публиката заедно со ансамблот уживаше во добро познатиот македонски ритам, доживувајќи ја нашата традиција како нешто ново, што ги чини задоволни и љубопитни да дознаат повеќе за македонската култура. Вечерва имаме уште еден концерт кој со нетрпение го очекуваме и верувам дека уште еднаш со гордост ќе ја претставиме Македонија и ќе ја оправдаме нашата мисија за која не задолжи Министерството за култура“, истакна директорот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, Зоран Џорлев по настапот.

На фестивалот кој директно беше пренесуван на Летонската национална телевизија, покрај „Танец“ настапија и музичари, танцови групи и уметници од Индија, Германија, Естонија, Романија Грузија и Колумбија.

Исто така со поддршка на Министерството за култура во Рига во јули во рамките на Светската хорска олимпијада „Рига 2014“ ќе настапи и женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“.

Учеството на Република Македонија на оваа значајна културна манифестација ќе придонесе за афирмација на македонската култура и на културните вредности, како и за продлабочување на соработката во областа на културата и уметноста со Летонија, што е во функција на приближување на народите и државите и нивно запознавање со меѓусебната култура и традиција.

Со оглед на важноста на овие настани, Република Македонија започна со презентација на своето богато културно наследство и современо творештво, уште во 2010 година, од кога македонската култура и традиција беше претставена во Истанбул, Талин, Марибор и во Марсеј-минатогодишната престолнина на културата.