Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска прими делегација на меѓународната организација Глобални Врски (Global Connections) – Глобален одбор на едукатори.
Заблагодарувајќи се за приемот, делегацијата од Глобални Врски, го информираа претседателот Иванов за нивната организација, во која членуваат училишта од различни земји од целиот светот, како и за нивните активности и планови.
Тие пренесоа дека имаат за цел преку организирање на семинари да се овозможат национални, регионални и глобални можности, за програми за соработка и дискусии, во врска со наставите во средните и основните училишта, како и за учество на меѓу-културни проекти, експериментална едукација, и за размена на академски кадар и ученици.
На средбата, претседателот Иванов им посака успешно одржување на семинарот и добар престој во Република Македонија.
Годинешниот, 16-ти семинар се одржува во Република Македонија, Република Грција и во Република Кипар, под мотото: Едукација за мир – Голема настава – Едукатори за мир.