Прв состанок меѓу балканските и европските експерти за оружје

Нелегалната трговија со оружје не може да се води само на национално ниво ниту пак може само една држава сама да се бори против овој вид на криминалитет, бидејќи сепак станува збор за транснационален криминал. Постоењето на соодветно воспоставена регионална мрежа на експерти е од исклучително значење, а воедно ќе претставува и регионален одговор на еден од предизвиците често споменуван во извештаите за проценка на ризик од сериозен и организиран криминал на Европол“.

Ова, меѓу другото го истакна министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска во своето воведно обраќање пред почетокот на Првиот состанок меѓу Групата експерти за оружје од земјите на ЈИЕ со  претставниците на Европска група на експерти за оружје (EFE) што денес и утре ќе се одржува во хотелот “Арка“ во Скопје.

Според Јанкулоска продлабочената регионална соработка бездруго е од суштинско значење во делот на планирање адекватни чекори за успешно справување со транснационалната димензија на нелегалната трговија со оружје. “Особено ме радува што Република Македонија во координација со другите држави од регионот, но и со силна подршка од  Мрежата на европски експерти за оруже – ЕФЕ,  како и со поддршка на Европол, пристапи кон реализација на идејата за воспоставување на Експертска група за мерки против недозволена трговија со оружје во  Југоисточна Европа“, потенцираше Јанкулоска.

Како што нагласи Јанкулоска постоењето на таквата експертска група ќе овозможи брза размена на криминалистички и разузнавачки информации, како и развивање на поефективни истражни и разузнавачки стандарди, а дополнителен придонес ќе даде и во зголемувањето на оперативната соработка како меѓу земјите од регионот и агенциите така и со земјите членки на Европската Унија. Воедно, таквиот облик на делување ќе овозможи стандардизирање на начинот на собирање и обработка на статистички податоци и изготвување анализи кои се однесуваат на производството, складирањето и трговијата со огнено оружје и муниција.

 Инаку овој прв состанок на експертските групи на кој што присуствуваа и директорот на БЈБ при МВР Митко Чавков и РЈО Марко Зврлевски е технички и финансиски поддржан од TAIEX а со цел да се применат европските искуства во справувањето со овој вид на криминал но и искуствата околу начинот на организирање и функционирање на новоформираната Група.