„Важноста на овој семинар е пред се во фактот што тој овозможува размена на информации и искуства во однос на борбата против тероризмот и насилниот екстремизам, појави пто и тоа како претставуваат реална закана како по националната така и по меѓународната стабилност“, истакна меѓу другото министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на отворањето на националниот семинар на тема –“Сузбивање на насилниот екстремизам и радикализам кој води кон тероризам (HEPT)“ во хотелот “Александар палас“ во Скопје а на кој присуствува и амбасадорите на САД и на ОБСЕ во Република Македонија Пол Волер и Ралф Брет.
Министерката Јанкулоска во своето поздравно обраќање посочи дека – “тероризмот како своевидна неконвенционална војна и деструктивен феномен во рамки на насилниот криминалитет, претставува еден од главните извори на опасност за државите и народите, уставното уредување, правата и слободата на граѓаните и вредностите на демократските општества“.
Според Јанкулоска, во услови на глобализација, тероризмот прераснува во приоритетен национален и меѓународен интерес, особено поради можноста од користење софистицирано оружје од арсеналот за масовно уништување.
„Имајќи ја предвид интернационалната димензија на терористичките активности, унапредувањето на соработката со други држави, меѓународни организации и институции ќе овозможи непречена размена на податоци, информации и искуства во правец на ефикасно справување со овој безбедносен феномен со кој е соочен модерниот свет“, нагласи Јанкулоска.
Инаку семинарот се одржува во организација на Одделот за сузбивање на меѓународни закани при секретаријатот на ОБСЕ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје .