Околу 40 ученици од пет основни училишта во Охрид, Струга, Гостивар, Штип и Битола ќе бидат дел петти-от интеркултурен камп во Детското Село Песталоци во Троген, Швајцарија.
Овој камп ќе се реализира од 03 – 17 јули оваа година. Преку различни активности, кампот ќе им овозможи на младите да научат за принципите на меѓукултурниот дијалог и комуникација, различните вредности и толеранцијата помеѓу децата и младите со различи култури.
Досега на интеркултурните кампови организирани од Коалицијата на младински организации СЕГА учествувале 160 ученици од 5 основни и 10 средни училишта од Прилеп, Дебар, Куманово, Тетово, Кавадарци, Охрид, Струга, Гостивар, Штип и Битола. Учениците ќе патуваат во Детското Село во Троген и ќе живеат заедно во една куќа за целиот период на размената и ќе посетуваат курсеви за интеркултурно образование и детски права. Тие исто така ќе имаат интеркултурна размена со друга група на нивни врсници од Украина.
Заедничкото живеење, курсевите и интеркултурната размена со другата група се координирани за да се надополнуваат меѓу себе со цел да се обезбеди високо квалитетно интеркултурно искуство. Кон крајот на кампот децата и младите ќе подготват акционен план за размена и пренесување на знаењето и она што го научиле на нивните врсници во матичната земја. По кампот, децата ќе се поттикнуваат да размислуваат за своите искуства, со цел да ја зајакнат одржливоста на нивното учење. Преку спроведување на акционите планови, тие ќе го пренесуваат своето ново знаење, разбирање и свесност не само меѓу нивните врсници, туку и меѓу наставниците, родителите и другите возрасни лица. Коалицијата на младински организации СЕГА ќе обезбеди интегрирање на резултатите од кампот во својот долгорочен проект и ќе ги гради своите понатамошни активности врз основа на новото знаење, разбирање и свесност на децата/младите и возрасните.
Извор: Нет Прес