Започна училишниот спортски камп во Охрид

Директорот на агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, Марјан Спасески, денеска престојуваше во Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид каде ги посети учесниците на Летниот училишен спортски камп „Охрид 2014 “.

На овој летен камп учествуваат над 250 најталентирани ученици кои своето учество го обезбедија со нивниот пласман меѓу најдобрите на спортските натпревари во текот на изминатата учебна година.

„Денеска го посетивме кампот на ракометарите и фудбалерите во првата смена. Во втората смена што почнува во понеделник присутни ќе бидат и најдобрите учесници во останатите спортови. Имавме прилика да се запознаеме со најдобрите ученици и секако да им посакаме успешна работа со нивните стручни лица, тренери, кои практично се најпознати македонски спортски легенди меѓу кои се Пепи Манасков, Наумче Мојсоски, Кире Лазаров, Зоран Бошковски и многу други“, истакна Спасески.

Ohrid kampp 2

Како што нагласи тој, Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Македонија во изминатиот период инвестираше многу во развојот на училишниот спорт, но и во развојот на спортската инфраструктура којашто претставува база на развојот на севкупниот спорт во нашата држава.

„Преку реализација на проектите за изградба на 50 помошни фудбалски игралишта, за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта, на 120 тениски терени и на 35 спортски сали, практично овозможивме максимални услови за да може нашата младина активно и рекреативно да се занимава со спорт, но подоцна и професионално. Со реализација на низа спортски активности и проекти како што е Спортската академија која се реализира трета година по ред , овозможуваме и рана спортска специјализација на младите и талентирани спортисти“, додаде директорот Спасески.

Според најавите на првиот човек на Агенцијата за млади и спорт, во текот наредниот период активно ќе продолжи стимулацијата на младите спортисти преку продолжување на проектот за доделување на 500 стипендии „спортска надеж“.

„Секако, нашата трајна определба е, во текот на следните три или четири години, процентот односно бројот на ученици кои активно се бават со спорт и спортски активности од моменталните 12 проценти, до 2016 година да го зголемиме на 36 проценти, односно на околу 104 илјади ученици кои активно ќе се занимаваат со спрот и спортски активности“, најави Спасески.

Ohrid kampp 3

Како што истакна поранешниот ракометар Пепи Манасков, спортот е многу важен дел од секојдневното живеење, а летниот камп во Охрид ги обединува најголемите спортски надежи во државата.

„Ме радува што младите се’ повеќе и повеќе се посветуваат на спортот. Тоа е богатство на една држава. Свесни сме што значи спортот, дека значи афирмација на самата држава, лична афирмација и голем предизвик за нацијата и верувам дека со вакви акции дека спортот ќе оди уште подалеку напред. Во моето време немаше вакви кампови, но имаше школски дружења и турнири, и овој камп ме потсети токму на деновите кога јас настапував за своето училиште“, изјави Манасков според кого предметот физичко образование треба да биде дел од секојдневната наставна програма во училиштата.

Инаку, Летниот спортски училишен камп, меѓу учениците и спортската јавност е познат и како „Камп на спортски ѕвезди“ бидејќи во текот на изминатите години беше поддржан од спортисти и тренери кои оставиле трага во меѓународниот и националниот спорт.