Директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија Марјан Спасески денеска се обрати на тркалезната маса на тема „Законски основи за финансирање на училишниот спорт“ што се одржа во Студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид.
Според Спасески, следните неколку години Владата на Република Македонија преку активности и проекти ќе се насочи кон зголемување на бројот на ученици кои ќе спортуваат.
„Имајќи го предвид стратешкото значење на училишниот спорт за развој на целокупниот спорт, за развојот на младата популација и за неговата позитивна улога во борбата против пороците, Владата е цврсто определена во следните неколку години целосно да го реформира училишниот спорт и преку своите активности да придонесе тројно да се зголеми бројот на ученици кои ќе спортуваат“, рече Спасески.
Реформите во училишниот спорт, како што нагласи, ќе значат и зголемена вклученост на учениците, односно зголемен квантитет кој треба да продуцира многу поголем квалитет.
„Во реформирањето на училишниот спортски систем и во зголемувањето на опфатот на ученици од основното и средното образование во училишните, општинските, регионалните и националните спортски натпревари е важна и активната соработка на локалните самоуправи. Сите активности кои се во форма на стратегии, акциски планови и други акти се донесуваат на централно ниво, а неопходно е рационално и ефективно да се имплементираат на локално ниво. Затоа повеќе од потребна е поддршката и соработката со општините“, додаде Спасески.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт истакна дека од почетокот на 2014 година се направени анализи за утврдување на реалната состојба во однос на квантитативниот опфат на учениците со спортски активности. Констатирано е, како што рече, дека во 2012/2013 година биле активни скромен број ученици во основното образование од околу 8,8 отсто и во средното образование со 7,4 проценти.
„Нашата крајна определба е во следните три години бројот на ученици кои спортуваат да го зголемиме на 100 илјади наспроти 30 илјади ученици кои спортувале во претходната учебна година. Наша цел е процентот на опфат на ученици-спортисти во 2014/2015 година да се зголеми на 20 отсто или за 58.000 ученици, а во учебната 2015/2016 бројот на ученици кои се спортски активни да достигне до 86.000“, рече Спасески.
На трибината посветена на училишниот спорт присутвуваа учесниците на Летниот училиштен спортски камп „Охрид 2014“.