Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на вчерашната 12. Седница, како матично работно тело ги разгледа:
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија (второ читање).
Предлогот на закон за задолжителни нафтени резерви (прво читање).
Во рокот утврден со Деловникот на Собранието на Република Македонија, по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија не биле поднесени амандмани од овластени предлагачи.
Во однос на Предлогот на закон за задолжителни нафтени резерви, воведно образложение даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џељадини.
Тој истакна дека врз основа на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, во Република Македонија се формирани и се одржуваат задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
Во наведениот закон извршено е транспонирање на Одлуката 68/414/ЕЕЗ и Директивите 73/238/ЕЕЗ и 2006/67/ЕЗ, кои ги обврзуваат земјите-членки на ЕЕЗ да одржуваат минимум залихи на нафта и/или нафтени производи. Со оглед дека со Директивата 2009/119/ЕУ заклучно со 31 декември 2012 година се укинуваат Одлуката 68/416/ЕЕЗ и Директивите 73/238/ЕЕЗ и 2006/67/ЕЗ, неминовно се наметнала потребата од усогласување на македонското законодавство со законодавството на ЕУ во областа на нафтените резерви, како битна претпоставка во процесот на пристапување на Република Македонија кон Европската унија.
На крајот од расправата, Комисијата едногласно заклучи дека Предлог-законите се прифатливи и може да се дадат на натамошно читање.