Металните контејнери од централното градско подрачје се заменуваат со пластични

Во центарот на градот, официјално денес се означи почетокот на акцијата за замена на металните контејнери. Директорката на ЈП „Охридски Комуналец“, Елена Скрческа изјави дека годинава набавени се 200 пластични контејнери за подигање на сметот.

„Се одлучивме за ваква варијанта со оглед на тоа што овие контејнери имаат неколку предности во однос на плеханите. Прво во тежина се три пати полесни, второ полесни се за манипулација за подигање и оставање на самото место и имаат капак. Доколку граѓаните правилно го користат капакот тоа е поголема предност и за нив и за околината околу нив. Нема да се шират миризби, нема да скокаат животни внатре и околу нив, односно со мал напор, ќе го подигнат капакот, ќе го фрлат сметот и ќе го затворат.“– истакна Скрческа.

Со металните контејнери заминува и бучавата која тие ја предизвикуваа тогаш кога од нив комуналните работници го подигаа отпадот. Директорката Скрческа упати апел до сите граѓани, правилно да ги користат овие контејнери, како што кажа за да можат да им служат понатака.

„Граѓаните да внимаваат да не фрлаат внатре запалливи материи, односно пепел со жар.“- додаде Скрческа.

Контејнерите се набавени со средства од Јавното претпријатие „Охридски Комуналец“. Планирано е за неколку денови да се заменат контејнерите во централното градско подрачје, а другите (плеханите) кои се во исправна состојба да бидат однесени таму каде што недостасуваат во поширокиот круг и во приградските населби и села.

WebOhrid