Викендов во Охрид ќе гостува најпознатиот и најпосетуваниот уличен фестивал „Баскерфест“

За првпат оваа година во Охрид утре, 28-ми и на 29-ти јуни ќе гостува најпознатиот и најпосетуваниот уличен фестивал во регионот „Баскерфест“. На Градскиот плоштад, малиот плоштад, плоштадот кај чинарот и низ охридската чаршија со своите несекојдневни перформанси, овој фестивал ќе ги забавува охриѓани и туристите кои престојуваат во нашиот град. Со повеќе од 150 улични артисти, музичари и театри „Баскерфест“ на посетителите ќе им понуди несекојдневно искуство и незаборавна забава, пантомима перформанси, претстава, музика во живо, улични танчери, ликовни изложби, креативни активности – вистински сплет на културни, забавни и уметнички содржини.

„Граѓаните на Охрид и гостите кои што престојуваат тука, ќе имаат можност да уживаат во позитивните вибрации на „Баскерфест“. Овој фестивал го прават вистински сплет на културни, уметнички и забавни содржини во кои што охриѓани и гостите ќе имаат можност да уживаат утре и задутре (28-ми и 29-ти јуни). Уличните фестивали се една своевидна културна атракција во повеќе земји во светот и од тие причини и Локалната самоуправа во Охрид сметаше дека треба да даде целокупна поддршка на уметниците од овој фестивал, со што нашиот град ќе се вброи во листата на градови каде што овие улични фестивали претставуваат традиција. Фестивалот е добитник на македонските „Superbrend“ награди за 2011/12 и низ годините прерасна во претставителен културен бренд на Македонија, со повеќе од 100 уметници од целиот свет пред повеќе од 100. 000 посетители секоја година.“ – истакна на денешната прес конференција, градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Градоначалникот на граѓаните на Охрид и на гостите им препорача да се подготват за едно несекојдневно, незаборавно аудио и визуелно уметничко шоу, кое како што рече ќе ги воодушеви и ќе имаат можност навистина да уживаат овие два дена.

PressBaskerfest01

„Се надеваме дека на публиката ќе и понудиме многу добра забава, дека ќе има многу посетители кои што ќе бидат задоволни со програмата која што ние ја нудиме. Новитет и атракција годинава е самба бендот „Барбароса“ кој што навистина плени, е прекрасна прилика за забава и го сплотува народот. Ве поканувам да дојдете и да погледнете и да уживате со сите наши артисти“, – изјави Вероника Шијаковиќ, претставник на организациониот одбор на фестивалот „Баскерфест“.

Настапите на артистите ќе бидат со почеток во 19.00 часот, а ќе се одвиваат последователно еден по друг на плоштадите, со што публиката ќе има можност да ги проследи сите настапи.

„Јас сум како еден човек – рок бенд, свирам сам за разлика од некои бендови, еден поинаков концепт, музика, како фузија од фламенко, шпанска гитара, рок и електронска музика, сето во еден оригинален концепт, работам на тоа, го усовршувам. Среќен сум што сум овде, на ова прекрасно место, преубава земја и луѓе“. –  изјави артистот Еугенио Џеди Мартинез од Шведска.

„ Јас сум актер, жонглер со оган, танцувам со оган. Тоа е екстремно опасно, но посветеноста, вежбата, љубовта може да го направат многу возбудливо. Ова ми е втора година по ред овде, сакаме да настапуваме, уметноста ги сплотува луѓето и земјите.“– вели Адонис Паспантис од Грција.

„Јас сум Диого, од Бразил, изминативе 10 години живеам во Барселона, Шпанија. Јас сум магионичар, уличен магионичар, со тоа се занимавам 20 години, од 7-8 годишна возраст. Многу сум среќен што сум втор пат на овој фестивал, многу сум среќен што сум во Охрид, во Македонија, сакам да научам повеќе за вашата култура. Се обидов да донесам подарок за вас, тоа е мојата магија.“ рече Диого од Бразил.

Инаку, „Баскерфест“ е првиот меѓународен и мултикултурен уличен фестивал кај нас, признат како најголем настан од ваков вид во регионот.

WebOhrid