Охрид домаќин на министерската конференција на „Советот на министри за култура на ЈИЕ – Јакнење на културата во функција на развојот“

Република Македонија на 27 и 28 јуни 2014 година, ќе биде домаќин на министерската конференција на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) – Јакнење на културата во функција на развојот“. Конференцијата која ќе се одржи во х. Силекс во Охрид е во организација на Министерството за култура кое е претседавач со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) – Јакнење на културата во функција на развојот.

На конференцијата ќе присуствува генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, а потврдено е и присуството на министрите за култура на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Србија и Црна Гора, заменик-министерот за култура од Бугарија, голем број експерти, претставници на УНЕСКО, како и  претставници на Секретаријатот на Регионалниот совет за соработка.

Конференцијата официјално ќе биде отворена на 28 јуни во 9.30 часот, во х. Силекс, со пленарна седница на која воведно ќе се обратат министерката за култура Канческа-Милевска и генералниот директор на УНЕСКО Бокова.

Овој значаен настан претставува прва регионална министерска средба која што го потврдува спојувањето на платформата на КОМОКОСЕЕ со платформата за регионална соработка на УНЕСКО во областа на културното наследство. Спојувањето на двете платформи ќе придонесе за подобрување на менаџментот во областа на културата и на културното наследство; заеднички пристап за зголемување на продуктивноста во трошењето на расположивите фондови; промовирање на креативноста и диверзитетот на културните изрази како средства за одржлив развој; натамошен развој на образованието од областа на културата и уметноста, развој на креативните индустрии, а особено дизајнот, филмот и аудиовизуелните уметности, како и натамошно зајакнување на прекуграничните активности меѓу државите во регионот.

Исто така, на конференцијата ќе стане збор и за натамошното развивање на институционалните и професионалните капацитети во регионалните центри, како и за отворањето нови центри, во приоритетните области од заеднички интерес.

Во рамките на конференцијата ќе биде постигнат заеднички Договор за поставување на „КОМОКОСЕЕ – јакнење на културата во функција на развојот“ како најзначајна изворна иницијатива за регионална соработка.