Мобилните тимови при Царинската управа, на 24.06.2014 година, открија товарно моторно возило (комбе) со лажни документи и приколка во која има специјално конструиран бункер што се користел за криумчарење на стока.
На 24 јуни 2014 година околу 12:00 часот на граничниот премин Табановце автопат за излез од Република Македонија се пријави товарно моторно возило-комбе, марка Фолксваген Транспортер со српски регистарски ознаки управувано од српски државјанин, а како сопатник во возилото било присутно уште едно лице исто така српски државјани. При преглед на возилото, во предната фиока пред совозачкото седиште пронајдена е швајцарска сообраќајна дозвола од комбето, како и српска и швајцарска сообраќајна дозвола за приколка марка ЕМИНД што ја влечело комбето. По извршена споредба на приложената српска и пронајдената швајцарска сообраќајна дозвола, констатирано е дека станува збор за едно возило со двајца сопственици од различни држави, а истото се однесува и на сообраќајните дозволи за приколката, односно швајцарската и српската сообраќајна дозвола за приколката гласат на двајца различни сопственици.
При преглед на приколката, царинските инспектори открија дека предниот дел е преграден по целата должина и ширина со плакар изработен со иста бела боја како и приколката, кој не може да се види со голо око. Со отстранување на закачалка во средината на плакарот се ослободува иверка со чие движење се доаѓа до влез во специјално направениот бункер наменет за криумчарење на стока. По остварена комуникација со ИНТЕРПОЛ Берн, Швајцарија добиена е информација дека комбето е регистрирано во Швајцарија на друго лице (различно од пријавениот) и регистарските таблички се однесуваат за патничко моторно возило Фолксваген Пасат. Швајцарските регистарски ознаки за приколката гласат на трето лице со живеалиште во Швајцарија и припаѓаат на две патнички моторни возила Опел Корса и Сеат Леон. Согласно швајцарската база на податоци идентификациониот број на шасија на предметната приколка припаѓа на сосема друго возило-камион фрижидер регистриран во Швајцарија.
Согласно ова, патничкото моторно возило, приколката, српските и швајцарските сообраќајни дозволи за патничкото возило и приколката, привремено се задржани, а против пријавениот е поднесено Барање за поведување на соодветна прекршочна постапка.