СДСМ Дебрца: Трајкоски делел општински пари на роднински и партиски подобни граѓански организации

ОО на СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Распределбата на средствата од Буџетот на општина Дебрца наменети за финансирање на граѓанските организации во изминативе четири години се карактеризира со крајно нетранспарентни постапки, коруптивно и непотистичко постапување на градоначалникот, при што општинските пари во голема мерка се делеле на роднински и партиски подобни здруженија на граѓани, без почитување на прописите за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и критериумите утврдени со одлуката за критериумите и постапката за распределба на финансиски средства на здруженијата на граѓани и фондациите од буџетот на општина Дебрца, донесена од советот на општината.

Најеклатантен пример е доделувањето на општински пари на Здружението „Мавивест”, од село Велмеј, организација за која никој и да не слушнал во село Велмеј и Дебрца. Од тековната состојба може да се види дека претседател на здружението е сестрата на градоначалникот, а покрај неа како основачи се јавуваат уште неговиот зет, секретарката на градоначалникот и нејзината мајка. Седиштето на здружението е на адресата на неговата сестра. Здружението е основано два месеци по доаѓањето на Трајкоски на градоначалничката функција, на ден 20.06.2013 година, а средства добило на ден 31.07.2013 година, што е спротивно на критериумот според кој за да добие средства здружението мора да спроведува активности минимум шест месеци. Здружението средства од буџетот на општината добило и во 2014 година. За што се користени тие средства јавноста воопшто не е информирана.

Само неколку дена по основањето средства добиле и здруженија чии основачи се членови на партиските органи, Општинскиот комитет и месните комитите на ВМРО ДПМНЕ Дебрца, како што се: Здружението „Лактиње 2013” (основано на ден 25.07.2013, а средства добило на ден 01.08.2013 година), Здружението „Редеш” – с.Мешеишта (основано на ден 14.09.2016, а средства добило на ден 04.10.2016 година).

Средства добиле и здруженија чии основачи се членови на советот на општината од редовите на ВМРО ДПМНЕ, како што е Здружението „Ентити” ,од Охрид, чиј основач и претседател е членот на советот од ВМРО ДПМНЕ, Јован Каланоски.

Средства добиле и здруженија на граѓани кои се регистрирани на територија на други општини, што е спротивно на критериумот според кој за да добие средства здружението мора да дејствува на подрачјето на општина Дебрца.

По локалните избори новата локална власт, предводена од СДСМ ќе изврши ревизија на распределбата и трошењето на општинските пари од страна на граѓанските организации.

Во иднина ќе обезбедиме транспарентни постапки и распределба на средствата преку јавни повици и доставени предлог-проекти, со непосредна контрола на трошењето на доделените средства.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Дебрца.