Извидничко младински забавен камп 2014 во Охрид

Од 26.06 до 29.06.2014 година после повеќе од една деценија, на тлото од древниот Извиднички Центар, во организација на Извидничкиот Одред ПИОНЕР од Охрид, а со поддршка на Сојузот на извидници на Македонија се организираше извидничко младински забавен камп (Camping Fun Ohrid 2014).  На кампот учество зедоа 100.извидници на возраст од 11-21.година од извидничките одреди „Јадран“,„Галеб“,„Методија Митевски -Брицо“ од Скопје, „Мирко Милески“ од Кичево и „Крсте Јон“ од Струга, како и 35 деца и младинци од асоцијацијата за култура и уметност „Креативити“ од Прилеп.

Учесниците преку меѓусебно дружење и натпреварување во различни едукативно забавни дисциплини во вода и на копно покажаа дека најкраткиот пат за рушење на предрасудите околу постоење на различностите и стекнувањето на нови познанства е токму непосредното другарување и кампување. Преку ден, на брегот од Охридското Езеро се организираа натпревари во повеќе од 15 дисциплини, а во вечерните часови покрај логорскиот оган преовладуваше културно забавната програма преку песна и глума. Во поладневните часови пак,  се организираа активности низ потесното градско подрачје, каде што учесниците пронаоѓаа одредени значајни објекти преку претходно означена карта-мапа, притоа запознавајќи се со убавините на градот Охрид.

На крајот беа доделени пригодни награди и признанија за најуспешните екипи, кои пак изразија желба оваа активност да се омасови, прошири и стане традиционална.