Со 17 гласови за и 4 воздржани советниците во Советот на Општина Охрид на денешната 25- та седница ја изгласаа предлог одлуката за продолжување на работното време на угостителските објекти.
Во деновите кога во Охрид се случуваат значајни културни настани и манифестации се продолжува работното време на угостителските објекти за два часа и тоа: на трети и петти јули; први, втори, трети, осми, деветти и десетти август и на шести, седми и осми септември 2014 година. Работното време на угостителските објекти се продолжува за 1 час во деновите: единаесетти, дванаесетти, тринаесетти, дваесет и петти, дваесет и шести и дваесет и седми јули; десетти, единаесетти , дваесет и трети, дваесет и четврти и дваесет и петти октомври; шести, седми и осми декември 2014 година.
На четврти јули годинава, кога Охрид ќе биде домаќин на културно забавната манифестација „Бело Лето“, угостителските објекти ќе работат цела ноќ.