Прогласени победниците на натпреварите Паметна автобуска постојка и Скопски автобуски хакатон

„Лојан грин“ и „Урбан лаб 1“ се победници на натпреварите “Скопски автобуски хакатон“ и “Паметна автобуска постојка“, кои годинава за прв пат беа организирани од страна на Фондот за иновации и технолошки развој, Министерството за образование и наука, Град Скопје и ЈСП Скопје, а во насока на промоција на иновациската дејност, поттикнување на соработката помеѓу научно-истражувачките, високо-образовните институции и бизнис секторот и промоција на лабораториите во високо-образовните институции.

На натпреварот „Паметна автобуска постојка“ на кој победи „Урбан лаб 1“ се изработуваше идејно решение за автобуска постојка, која ќе биде поставена на улицата “Димитрие Чуповски“, пред канцеларијата на Фондот за иновации и технолошки развој. Додека, на хакатонот се избираше иновативно софтверско решение во насока на зголемување на задоволството од користење на јавниот градски транспорт во Скопје, преку оптимизација на бројот на патници. Победникот „Лојан грин“ ќе патува на глобалниот хакатон за транспорт кој ќе се одржи во Канада, а е организиран од South for Public Transport.

Организацијата на натпреварите беше поддржана и од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје (ФИНКИ), Машинскиот факултет од Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје, Техничкиот факултет во Битола, Технолошкиот парк при Универзитетот на Југоисточна Европа, Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола.