Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и владина делегација, денеска во Сеул, Република Кореа присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.
Бизнис форумот се организираше во соработка со групацијата Фајненшл Тајмс, и на него присуствуваа претставници на компании од областа на автомобилската индустрија, информатичко технолошката индустрија и туризмот.
Премиерот Груевски се осврна на реформите кои се направени во нашата земја со цел унапредување на бизнис климата и создавање на услови за ефективна работа на компаниите. Покрај воведувањето на ниски и рамни даноци, инвестициите во образованието во насока на креирање на добро едуцирана работна сила, поволностите кои се даваат во технолошко индустриските развојни зони, премиерот Груевски ги истакна и придобивките од проектот Регулаторна гилотина, кои беа позитивно оценети од бизнис секторот.
Заедно со стопанските комори од земјата, и заедно со околу 300 компании со различна големина и од различни сектори, ние ги детектиравме најголемиот број на проблеми со кои се соочуваа компаниите, главно од бирократски карактер, и елиминиравме многу од нив, или ги направивме побрзи или поевтини, или пак комбинација од двете, и тоа беше сериозно подобрување на бизнис климата во Македонија, истакна премиерот Груевски во своето обраќање.
Презентираните поволности беа позитивно оценети од присутните корејски менаџери на компаниите. Туризмот може да претставува поле на соработка меѓу двете земји вели Ким Грејс, менаџерка на туристичката компанија „ДГ Тур“ од Сеул, која има интерес Македонија да биде запознаена од страна на корејските туристи.
Минатата година Хрватска беше значајна туристичка дестинација за Корејците, многу Корејци престојуваат таму. Многу Корејци може да престојуваат и во Македонија, мислам дека Македонија е убава и пријатна земја и сигурно дека ќе се обидам да стане туристичка дестинација за Корејците, вели Ким Грејс.
Вицепремиерот Ставрески смета дека Кореа е брзо растечка економија и дека треба да се вложува напор за да се презентираат поволностите кои Македонија ги нуди за инвеститорите.
Беше значајно за првпат една македонска делегација, владина делегација предводена од премиерот Груевски, да дојде овде во Јужна Кореа да ги презентира можностите кои Република Македонија ги нуди на бизнисмените од Кореа, да не запознаат подобро, да слушнат за ниските даноци и за поволната бизнис клима, за можностите да ја користат Македонија за влез на европскиот пазар. Тоа наиде на добар интерес кај присутните бизнисмени овде, и веруваме дека на тој начин во иднина ќе дојде до реализација на нивни посети во Македонија, вели Ставрески.
Бизнисмените од Кореа, исто така, поддржуваат поголема комуникација помеѓу двете страни, како насока за воспоставување на конкретна соработка.
Ќе треба време, затоа што Македонија не е позната тука во Кореа, ако организирате вакви настани како денешниот повеќепати, тогаш е можно корејската Влада, компании и народ да пробаат да најдат ново место за инвестиции и мислам дека Македонија е добро место за инвестиции, вели Ким Шонг Конг од Корејската бизнис асоцијација.