Парична помош од Оштина Охрид по поплавите во скопскиот регион

На барање на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, а по повод невремето во Скопскиот регион кое однесе човечки жртви и големи материјални штети, претпладнево заседаваше Комисијата за финансии при Советот на Општина Охрид која донесе одлука да даде парична помош од 300. 000 денари до Општина Гази Баба чија територија имаше најголеми штети од елементарната непогода.

Граѓаните на Охрид преку органите на општината, Градоначалникот и Советот сакаат уште еднаш да ја изразат својата солидарност и хуманост и да упатат сочувство до семејствата на несреќно загинатите лица.

Воедно на Вонредната Седница на Советот закажана за денес со почеток во 13:30 часот, градоначалникот Бакрачески очекува, одлуката на Комисијата за финансии и за давање финансиска помош до општина Гази Баба да добие поддршка од Советот на град Охрид.

Градоначалникот Бакрачески изминативе два дена беше во постојана комуникација со Кризниот Штаб,со надлежните во ресорните министерства и со градоначалникот на град Скопје, при што од негова страна беше искажана подготвеност за пружење на неопходната помош со човечки и технички ресурси за справување со елементарната непогода.

Следствено на потребите и барањата од одговорните лица и служби за справување со природната непогода, Општина Охрид е подготвена да излезе во пресрет и да даде помош со своите целокупни капацитетите како и тие на охридските јавни претпријатија.