Вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија Чарлс Едмунд Гарет.
Пешевски го запозна Гарет со политиките на Владата наменети за развој на домашната економија. Се дискутираше за спроведените проекти, како и за проектите кои се во фаза на реализација, а се наменети за зголемување на конкурентноста на домашното стопанство и поттикнување на економскиот раст.
За време на средбата соговорниците изразија задоволство и ги поздравија билатералните односи помеѓу двете земји, кои, како што оценија, се традиционално добри, со динамична разнообразна соработка. Изразија и желби за натамошен поттик на економската соработка и зголемување на трговската размена.
Велика Британија е значаен трговски партнер на нашата земја, која минатата година се најде на третото место на листата на најголеми трговски партнери, со вкупна трговска размена од 806 милиони долари.