Честитка по повод 4-ти Јули, Ден на борецот

Почитувани сограѓани,

 Во овие тешки времиња, кога се забораваат основните вредности и постулату на слободата на македонско тло, и споменот на нејзините творци се повеќе избледува, дозволете да се потсетиме, а помладите генерации да ги научиме на значењето и на истрајната симболика на денешниот датум, Денот на борецот. Денес е мигот на мало приспомнување на најхрабрите меѓу својата генерација, вградени во колективната македонска историја, посебно од периодот на Втората Светска Војна,  во денешно време склона на прекројување и на повторно пишување. 

Без нивната беспоштедна партизанска и искрена саможртва, која во последната деценија некои историски современици се обидуваат да ја стават на маргините на вековната борба за македонска независност, нашата земја немаше цврсто да чекори по својот самостоен пат. Нивните заслуги за трасирањето на патеките на модерната држава, Република Македонија, имаат исклучително голема важност, и крајно позитивни зацртани резултати. 

  Историјата треба да го потсети македонскиот народ на сите негови храбри синови од можеби најзначајната епопеја на битката за наше парче земја, Народноослободителната војна, чии траги во аналите на нашето битисување, се нераскинливо испреплетени и поврзани со непокорливоста и со нескршливиот дух на македонските илинденци, но и со сите оние кои низ вековите бдееле над развојот на оваа нација. 

Ние не смееме да дозволиме, новите државни елити да ја прекројуваат историската подлога, и да ја минимизираат улогата и значењето на едни наспроти други, затоа што на тој начин, ќе бидеме одговорни пред нашите предци, но првенствено, пред оние што доаѓаат пред нас!

Македонија мора и треба да им оддаде максимална почит на симболите на нејзиното слободарско минато, на сегашноста и на иднината. Тие симболи се олицетворение на младешките идеали на партизаните, како достојни наследници на илинденските принципи, на оние млади луѓе, кои ги дадоа своите животи, за некои други генерации да ги живеат нивните неотсонувани соништа, во едно друго и поубаво време!

Честит Ден на борецот!

Со почит,

Здружение на граѓани кои го почитуваат ликот и делото на Јосип Броз Тито