Хотелиерите и угостителите ќе плаќаат надомест за музиката што ја пуштаат во нивните објекти, согласно Законот за авторски и сродни права. Вчера во Стопанската комора беше потпишан договор меѓу Здружението на угостители и туризам и Организацијата Македонска музичка индустрија за висината на надоместокот за фонограми.
Со договорот се утврди, хотелиерите да плаќаат по две денари од бод односно по ноќевање за музичките изведувачи. Освен бројот на ноќевања, она што ќе влијае на цената која хотелиерите треба да ја платат е и големината на објектот, оддалеченоста од плажа итн. Па, така може да се случи хотел да треба да плати 200, 300, 500 или 1000 денари месечно за авторски права на ММИ за музиката која ја пуштаат во објектот.
„Согласно Законот за авторски и сродни права, кон крајот на 2012 година беше донесен правилникот и тарифникот со сите износи кои туристичко-угостителскиот сектор треба да ги плаќа по овој основ. Како и секогаш, оној што треба да плаќа му е многу, оној што треба да зема му е малку, па во текот на 2013 имавме долги и конструктивни разговори во делот на корекција на одредени ставки по однос на тарифните групи кои се составен дел на тарифата и правилникот на ММИ. Среќна сум што изнајдовме решение и денеска го потпишавме договорот,“ изјави Соња Бибановска, потпретседател на Здружението на угостители и туризам, при Стопанската комора на Македонија.
Хотелско-туристичкиот бизнис не беше против донесувањето на овој правилник и тарифник. Настојувањата беа во насока на плаќање на износи кои ќе бидат разумни и во висина на она што може да ги поднесе туристичкото стопанство во услови на глобално намалување на цените на хотелските и туристичките услуги.
Претседателот на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачи на фонограми, уметници и музички изведувачи Бодан Арсовски истакна дека наишле на голема почит како уметници.
„Сродните права во нашето законодавство се повеќе од една деценија, но дојде момент кога можеме да кажеме дека плаќањето веќе се востанови како пракса во нашата држава. Уметниците ќе си го добијат својот дел и она што им беше ускратено во изминатиот период. Генерално гледано, се остваруваат некои од целите односно стандардите кои се остваруваат секаде во светот,“ изјави Арсовски.
Тој апелираше до музичките изведувачи, продуценти да ги пријават своите дела, да се зачленат во ММИ, затоа што наскоро ќе започне да се врши распределбата на средствата.
Подложни на плаќање ќе бидат само објектите каде што се пушта музика. Доколку постои сомнение дека во одреден објект се пушта музика, а притоа тој спротивно се изјаснил во тој случај, инспектори од Организацијата ќе излезат на терен и ќе ја утврдат состојбата.
Договорот што Здружението на угостители и туризам и Организацијата Македонска музичка индустрија го потпишаа денеска е ретроактивен и важи за 2013 и првите месеци од 2014 година.
Извор: Нет Прес