Во врска со денешната прес-конференција на ОО на СДСМ Охрид, на која зборуваше претседателот на СДСМ Охрид, Томислав Тунтев, реакција испрати ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид. Во неа стои:
„Повторно денес бевме сведоци на уште една бесцелна прес-конференција на СДСМ Охрид, на која од оваа партија повторно се обидуваат безуспешно да ја замајуваат јавноста со некои лажни тези и тврдења во кои никој не верува па ни тие самите.
Од изнесеното на прес-онференцијата може да се заклучи дека СДСМ погрешно ги толкува односите на нашата држава со УНЕСКО. Најверојатно не знаејќи како функционира тој однос кој всушност е однос на партнерство и со мисијата на УНЕСКО отворено се разговара за сите планови, актуелни зафати и идни програми кои ќе ги реализира нашата држава.
Токму од овој партнерски однос произлегоа и заклучоците кои не се никакви критики, ултиматуми или закани како што бесцелно се обидува во јавноста да ги прикаже токму СДСМ, туку се заеднички насоки на дејствување во интерес на заштитата на културното и природното наследство на Охрид.
Партнерството кое нашата земја, а посебно владата предводена од ВМРО ДПМНЕ , а во конкретниот случај со Плаошник, Министерството за култура, ќе продолжи и понатаму, со уште поплодна соработка која ќе има позитивни ефекти и во иднина , како што имаше и до сега.
Партнерството меѓу Република Македонија и УНЕСКО обезбедува значајни ефекти во заштитата на културното наследство и природата и тоа ќе продолжи на обострано задоволство и од обостран интерес без разлика како на тоа ќе гледаат некои во СДСМ.
Успешната соработка со УНЕСКО е видлива за сите граѓани на Охрид и Македонија и тие точно знаат дека нема и немало никаков простор за загриженост , успешните проекти на Владата кои станаа секојдневие во стариот дел на Охрид ќе продолжат без разлика дали некој бесцелно тоа ќе го критикува.“– стои во реакцијата на ОК ВМРО – ДПМНЕ Охрид.