Исчистени дел од некомерцијалните плажи на Охридското крајбрежје

Преку 30 волонтери од Клубот на млади на Црвен крст Охрид, како и вработени во ЈП „Охридски Комуналец“ и претставник на Лионс клубот „Gathenhielm“ од Гетеборг, Шведска од раните утрински часови ги чистеа некомерцијалните плажи на Охридското крајбрежје. Почнувајќи од просторот кај Велгошка Река, на потегот од Грашница до населбата Даљан и во делот на трските кај Холандскиот парк, за само 2 часа беа собрани преку 30 вреќи со најразличен отпад, во кој преовладуваше пластичниот – шишиња и најразлична амбалажа, гума и сл. Акции од ваков тип во соработка со ЈП „Охридски Комуналец“, Црвен крст Охрид ќе организира и во текот на летото на т.н. „диви“ плажи кои имаат пристап само од вода, во кои ќе бидат вклучени и пловните објекти на Црвен крст Охрид. Од оваа акција, учесниците упатија апел и порака до охриѓани, но и до сите туристи, гости, посетители, да уживаат во убавините на Охрид, но да ја чуваат животната средина, отпадоците да ги фрлаат во корпи и контејнери за отпадоци и на места определени за таа намена.