Официјално одбележан стартот на твининг проектот со словенечката финансиска управа финансиран од ЕУ

Денес, во присуство на претставници на Владата на Република Македонија, претставници на дипломатскиот кор, бизнис заедницата и други соработници на Царинската управа се одржа промотивен настан за одбележување на стартот на Твининг проектот „Завршување на постапката за пристапување кон Конвенцијата за Заеднички транзитни постапки и Конвенцијата за поедноставување на формалностите во трговијата со стока“, финансиран преку Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА ТАИБ 2010), кој се реализира со стручна помош од Финансиската управа на Република Словенија.

На 1 март 2014 година, Царинската управа го стави во функција Новиот компјутеризиран транзитен систем (NCTS), проект реализиран согласно стратешките определби на Република Македонија за поврзување со компјутеризираните системи на Европската Унија и понатамошното спроведување на концептот е-Царина и е-Влада, како и согласно Стратегијата за развој на информатичката и комуникациската технологија за 2013-2015 година на Царинската управа.

Воспоставениот систем, според стандардите на ЕУ, нуди нови можности во царинското работење, предности на компаниите кои ги користат овие постапки, а придонесува и за намалување на трошоците поврзани со хартиените декларации. Комплетната електронската обработка на податоците, примената на дигиталното потпишување на документите овозможува побрзо ослободување на пратките, намалување на формалностите и раздолжување на транзитната гаранција веднаш по завршување на постапката.

Во овој момент, НКТС се користи за спроведување на транзитната постапка на национално ниво, затоа целта на проектот што денес стартува, е започнување на примeна системот во царинските постапки помеѓу сите 33 земји членки на Заедничкиот транзитен систем на ЕУ (во кој членуваат државите членки на ЕУ, ЕФТА државите – Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн и Република Турција).

Овој Твининг проект, кој се реализира со стручна помош на Финансиската управа Словенија, ќе обезбеди дополнителна поддршка за пристапување кон Заедничкиот транзитен систем на ЕУ. Со тоа ќе се реализираат финалните чекори за исполнување на бројните и комплексни барања за полноправно членство во транзитниот систем на ЕУ. Преку членството во системот, стоковите пратки во и од Европската унија непречено ќе се движат, без царински формалности на надворешните граничните премини на ЕУ со што дополнително ќе се забрза и олесни размената на стоки со најзначајните економски партнери на Република Македонија.

Во рамките на втората компонента на проектот, ќе се изврши дополнително усогласување на царинското законодавство преку транспонирање на одредбите на новиот Царинскиот закон на Унијата и Уредбата за негова имплементација, кои во ЕУ треба да стапат на сила во мај 2016 година.

Вкупниот износ на Проектот, што е планирано да се имплементира 21 месец, изнесува 947 илјади евра, од кои околу 900 илјади евра се средства финансирани од страна на Европската унија, додека останатите (околу 47 илјади евра) се национално кофинансирање, обезбедени од страна на Владата на Република Македонија.

Евроамбасадорот Орав рече дека користењето на НКТС е клучен предуслов за пристапување кон Ковенцијата за заеднички транзит и дека земјата има направено огромни напори за исполнување на критериумите и прилижување до европските стандарди за транзит. Тој нагласи дека Европската унија останува посветена да помогне во напорите за полноправно членство на земјата во ЕУ и посака успешна реализација на проектот.

Амбасадорот на Република Словенија, г. Бранко Раковец ја нагласи одличната соработка помеѓу словенечката и македонската администрација и дека Република Словенија дава силна поддршка на политиката за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Тој рече дека верува дека напредувањето кон ЕУ и исполнувањето на стандардите носи стабилност и благодостојба на земјата.

Во своето обраќање директорот на Царинска управа на Република Македонија г-ѓа Наташа Радеска Крстевска истакна дека пристапувањето кон заедничкиот транзит на ЕУ е еден од најзначајните проекти на Царинската управа и им се заблагодари на Владата на Република Македонија, на Европската унија и на Финансиската управа на Република Словенија за несебичната поддршка и помош.

Директорот на Финансиската управа на Република Словенија, г-ѓа Јана Ахчин рече дека Словенија и Македонија имаат многу заеднички нешта, меѓу кои и историјата. Таа истакна дека е среќна што токму словенечката служба е избрана за овој проект и дека се надева дека македонската Царина ќе го искористи времето, искуството и знаењето на словенечките експерти, а со завршувањето на овој проект, Македонија ќе стане дел од Конвенцијата за заеднички транзит.