На први јули стартуваше летниот режим на сообраќај во центарот на Охрид. Според него, целосно за сообраќај ќе бидат затворени дел од улицата “Кеј Маршал Тито“ – од кружниот тек до пресекот со улицата “Ванчо Николески“, дел од улицата “Ванчо Николески“ до пресекот со “Кеј Маршал Тито“ и пешачката патека од Центарот за обука на вода до Горица.
Плоштадот “Св.Климент Охридски“, улицата “Цар Самоил, улицата “Коста Абраш“ и улицата “Илинденска“, освен за жителите на Стар Град, ќе бидат забранети за сообраќај, при што целиот простор ќе се користи како пешачка зона, поврзана со чаршијата и кејот. Дотурот на стоки за угостителските и трговските објекти, ќе се врши во периодот од 5 – 9 часот наутро.
Во стариот дел на градот движењето на возилата е дозволено само за жителите на Стар Град, кои ќе добијат специјални налепници за движење на возила, кои ќе се издаваат во Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици. Летниот режим на сообраќај ќе трае до 31 август 2014 година.