Италијанските оперски ѕвезди Фритоли и Нучи пристигнаа во Охрид

Барбара Фритоли и Лео Нучи, италијанските оперски ѕвезди кои утре ќе го отворат 54-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ пристигнаа во Охрид.

Тие следаа со приватен авион, попладнево, околу 15 часот.

И двајцата уметници доаѓаат првпат во Охрид, но велат дека слушнале за убавините на градот.

„Се надеваме дека нема да врне. Концертот ќе биде прекрасен. Ветуваме дека утре ќе направиме нешто специјално за вас, се гледаме утревечер на сцената“, изјави Нучи.

Подготвена за утрешниот гала-концерт е и сопранистката Фритоли, која тоа го потврди веднаш по слетувањето на охридскиот аеродром.

„Многу сум среќна што сум во Охрид. Среќни сме што ќе пееме за вас“, истакна Фритоли.

За неа, селекторката на музичката програма на „Охридско лето“ м-р Гордана Јосифова-Неделковска рече дека има ангелски глас и веднаш ја освојува публиката.

„За Нучи критиката се изразува дека не е само фантастичен, туку многу повеќе од тоа. Длабок уметник, пред се, со вистинска емоционалност којшто на фантастичен начин ја доловува улогата што ја толкува. И сето тоа ја маѓепсува публиката и ги носи во еден друг свет, во друго време“, рече Јосифова-Неделковска.

Со доаѓањето на врвните уметници, според неа, се остварува и основната заложба на фестивалот, за остварување на визијата за квалитетна програма, гостување на светски познати уметници и креирање на многу интересни и атрактивни фестивалски настани се остварува.

„Охридско лето и ова 54-то издание е домаќин на најдобрите, најуспешните и најпознатите уметници. Всушност така и ќе започне и годинешното издание на Античкиот театар, со големите мега ѕвезди Барбара Фритоли, оперска дива, сопран, и легендарниот баритон Лео Нучи заедно со Македонската филхармонија и диригентот Луис Горелик, и се разбира, со атрактивна програма од големиот Верди“, рече музичката селекторка на фестивалот.

Сопранистката Барбара Фритоли се вбројува меѓу водечките светски сопрани, остварувајќи врвни креации во оперите на Верди, Моцарт, Пучини, Гуно и други. Таа ги толкува разнокарактерните и сложени улоги  од маркантниот оперски репертоар.

Баритонот Лео Нучи со своето  повеќегодишно дејствување на оперските и концертните подиуми оствари извонредна кариера проследена со забележителни настапи и соработка со врвни уметници од современиот свет. Тој годинава ја одбележува 500-тата изведба на крунската баритонова улога на „Риголето“ која беше изведена во Виенската национална  опера.Аргентинскиот диригент Луис Горелик на многу млада возраст се етаблира како  еден од водечките музички дејци во Латинска Америка, за што е одликуван и со награда од страна на претседателот на Чиле, како и со ретката награда „Конекс“ во Аргентина. Предава диригирање на Националниот музички конзерваториум во Буенос Аирес.

Македонската филхармонија е формирана во 1944 година, непосредно по ослободувањето на Скопје. На диригентскиот пулт на оваа значајна национална институција биле повеќе врвни диригентски имиња од Македонија и светот.