Вечерва на сцената на Долни Сарај, во рамки на фестивалот „Охридско лето“ со почеток во 21 часот на уметниците од Балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет од Скопје ќе ја изведат балетската претстава „14 часа“.
Станува збор за современ балетски перформанс, инспириран од дуетот „Нот ту клоус“ („Нот тоо клосе“) на авторско-изведувачкото дуо Александра Мијалкова и Васил Чичијашвили. Музиката за балетот е на Кирил Џајковски, во режија на Наташа Поплавска, додека кореографијата и сценографско идејно решение е на Игор Киров. Протагонисти во овој несекојдневен балетски настан се Александра Мијалкова, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Дафина Данилоска, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Агим Бафтии, како и гостите Иван Бојко од Украина и Васил Чичијашвили од Грузија.
Перформансот ќе се игра на сцената на „Долни Сарај“ со почеток од 21 часот.
Националната установа „Македонска опера и балет“ е реномирана културна институција основана во 1947 година (тогашниот МНТ со три ансамбли – драмски, оперски и балетски).
Ансамблот на македонскиот балет денес брои 62 члена, распоредени во сите категории на солисти, кор де балет и уметничко водство. Ансамблот на балет негува, главно, светска балетска класика, но и детски претстави, современи балетски кореографии и перформанси.
Покрај класичните дела како што се: „Лебедово езеро“ , „Жизел“, „Заспаната убавица“, „Оревокршачка“ и др. поставени се и делата на домашни автори: „Охридската робинка Ташула“ – С. Стојков, „Александар ИИИ Македонски“ – Љ. Бранѓолица, „Денови на Терпсихората“ – Р. Аврамовски и др., како и современите перформанси: „Јас, Исидора“ – К. Букле, „Дива љубов“ – С. Евтимова, „Зодијак“ – В. Стефановски и др.
Реализирани се голем број гостувања на познати европски и светски уметници, автори и репродуктивци, меѓу кои Игор Колб (Мариински театар – Санкт-Петербург), Сергеј Сидорски (Украина), Јана Салено (Украина), Дину Тамазлакару (Молдавија/Германија) и други, како и голем број гостувања на Македонскиот балет во странски земји.