Драмскиот дел на годинешното 54.то издание на фестивалот „Охридско лето“ стартува вечерва со театарската претстава „Отело“ од Вилијам Шекспир, во режија на Диего де Бреа.
Претставата ќе ја изведат помладата генерација актери на Битолскиот народен театар, вечерва во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.
Костимографот на „Отело“ Благој Мицевски вели дека соработката со режисерот Диего де Бреа претставува едно огромно искуство за целата екипа што ја подготвуваше оваа претстава.
„Диего де Бреа е еден од оние режисери кои се случуваат еднаш на неколку години и којшто успеа да ги повлече работите по вертикала во секоја смисла, и во организација и во идеја, и во визуленото претставување на она што го работиме. „Отело“ е претстава која на многу нивоа ги поместува границите не само во нашиот театар, туку и воопшто, во театарот во Македонија“, вели Мицевски.
За костимите во претставата, Мицевски потенцира дека станува збор за едно современо видување во кое што само ликот на Дездемона има костим кој потсетува на некое друго, минато време.
„Тоа е така заради концептот на режисерот. Но станува збор за едно компактно современо визуелно решение на претставата. Таа е брутална, но истовремено и поетична претстава“, вели костимографот.
Дездемона во „Отело“ ја игра актерката Катерина Аневска според која искуството што го стекнала од режисерот преку подготовката на претставата има непроценливо значење.
„Дездемона во претставата е како еден друг свет и е олицетворение на чистото, невиното, ангелското, а во драмата е обична жртва на болниот човечки ум, жртва на Јаго и на љубомората на Отело“, нагласува Аневска.
Борче Ѓаковски готолкува ликот на Отело. За него оваа претстава е интересна токму поради тоа што не е присутен во сите сцени, но е активен во текот на целата драма.
„Во моментот кога учествуваш на сцената си 100 проценти активен. Потоа остануваш на следната сцена, но не си активен во неа, и влетуваш во наредната сцена во која треба да бидеш активен 200 проценти. Тоа за мене беше искуство со непроценливо значење“, раскажува Ѓаковски.
Маријан Ѓоргиевски преку ликот на Јаго, со оваа театарска претстава го доживува првиот негативен лик во своето работење на театарските штици.
„Ова е прва негативна улога за мене, но не очекував дека одлично ќе се снајдам во неа. Доживувањата на сцената за мене се возбудливи. Злото постоело и постои можеби многу повеќе отколку во времето кога е напишана драмата. Јаговци во секојдневието има многу. Злото е притаено во секој од нас. Колку подлабоко копаш, толку повеќе расте како чудовиште, уништувајќи ги другите а и себеси“ вели Ѓоргиевски одгатнувајќи дел од она што ќе се случува во вечерашната претстава „Отело“.